1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Давос годинава се бара поголем оптимизам

С.Недевски/ЖА/аш/дпа/ртр23 јануари 2013

Во швајцарскиот Давос денеска (23.1) започна Светскиот економски форум. Главна тема на овој традиционално елитен собир е како да се врати оптимизмот во глобалната економија.

https://p.dw.com/p/17QEw
Фотографија: dapd

И овој, 43. светски економски форум во Давос повторно собра низа моќници од економијата и од светот на финансиите кои потоа педесетина претседатели на држави или влади ќе се обидат да ги привлечат да инвестираат во нивните земји. Главното прашање на годинешната средба е како да се врати економскиот пораст и истовремено глобалното стопанство подобро да се заштити од нови кризи и неволји.
Пред самиот почеток на Форумот, неговиот основач Клаус Шваб ги повика своите гости на „повеќе оптимизам и сигурност“ во иднина, бидејќи моќниците многу добро знаат дека кризата се’ уште не езавршена и оти проблемите не се решени. Тоа се гледа и од испитувањето кое, заедно со организаторите на Економскиот форум, го спроведе ревизорската компанија „Прајсвотерхаус куперс“ за оптимизмот меѓу председателите на управните одбори и генералните директори на меѓународните концерни.

Нема шанси!“

Резултатот е поразувачки: само 36 проценти од нив верува дека оваа година ќе се оствари економски раст. За споредба, минатата година, додека татнеше кризата во Грција, се’ уште имаше 40 проценти оптимисти, а во 2011. беа дури 48 проценти. Рака на срце, по урнисувањето на финансискиот пазар во 2008, беше потешко да се најдат оптимисти меѓу директорите (во 2009. само 21 процент верувале дека нивните фирми ќе остварат добри резултати). Но тој песимизам кој се враќа покажува дека и концерните се свесни оти кризата е донекаде „закрпена“, но дека проблемот не е решен.

Дури и проблемот на Грција не е решен, туку само, со своите практично неограничени гаранции, во „игра“ се вклучила и Европската централна банка, чиј претседател Марио Драги, се разбира е исто така присутен во Давос. Но, во меѓувреме, веќе никој не сака да верува дека и таквата „тешка категорија“ во светот на финансиите не е имуна на неуспех, а проблемот е всушност едноставен. Сите држави трошеле повеќе отколку што заработувале со верување дека нивниот бруто општествен производ (БОП) ќе расте, и оти тогаш полесно ќе ги вратат парите кои ги потрошиле, а кои ги немале. Во тоа државите ни малку не се разликуваат од кој било од нас кој на кредит ќе купи малку подобар автомобил, убеден дека токму со него ќе заработи повеќе.

Маѓепсан круг на пропаста

Но, наместо раст, стигна рецесија. Нејзиното брзо ширење е резултат на огромниот број невработени и во земјите од Западот, а поради мерките на штедење, невработени има се’повеќе. Книгите не‘ учат дека неможноста на граѓаните да најдат работа, не е само нивна лична трагедија.
Тоа претставува расипништво на државата која го платила нивното школување, и која сега ниту собира данок од нивните приходи, ниту има корист од нивната потрошувачка и купување производи. Бидејќи невработените не заработуваат, не трошат, па така рецесијата станува полоша, а невработени има се повеќе.
Не е решение само „да се отвори фабрика“, (тука и најголемите економски гиганти тешко дека може да згрешат во глобалната конкуренција), туку да се најде пат по кој би се придвижил целиот процес и на тој начин би се компензирало распаѓањето на индустриското општество. Тоа е проблем на кој економските моќници допрва треба да пронајдат одговор, а тешко дека го имаат и припадниците на бројните невладини здруженија и критичарите на постоечките економски односи, кои и оваа година го пронајдоа патот кон монденското швајцарско зимувалиште.

Schweiz Weltwirtschaftsforum WEF 2013 in Davos Kongress Center
Фотографија: Reuters