1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во врвот на светското карате

7 декември 2011

Наташа Илиевска е признат светски карате-мајстор. Неколку години наназад е македонска спортска примадона. Во годинава која полека си оди, таа зад себе остава можеби најимпресивна резултатска трага.

https://p.dw.com/p/13O94
Наташа ИлиевскаФотографија: DW

„Оваа година ја завршувам со големо лично задоволство, бидејќи успеав, речиси на сите натпреварувања во мојата дисциплина бев во врвот. Станав европска шампионка. Победив во Премиер карате-лигата, прва сум на светската ранг листа.“

Останува ли некаков резултатски предизвик за наредната година?

„Следната година е со многу натпревари. Во рамките на Премиер лигата ќе имаме седум нови натпреварувања. Тука се и Светското и европското првенство. Посакувам барем еден медал“, вели Илиевска.

Голем дел од врвните спортисти во Македонија имаат забелешки на условите во кои тренираат. Илиевска, напротив, токму во условите гледа своја голема поткрепа:

„Јас сум член на КК Макпетрол, кој ни‘ нуди одлични услови за трениг. Салата е достапна 24 часа на ден со сите придружни помагала за карете трениг: имаме татами, вреќи, макивари, теретана... се‘ што е потребно еден врвен спортист да напредува.“

Карате - предуслов за успех во животот

Илиевска има 28 години. Од мали нозе е на татами-просторот. Во родното Кратово, во отсуство на можност за влегување во некој друг спорт, се определува за каратето. Резултатската сатисфакција е неспорна, но вели, овој спорт имал големо влијание врз формирањето и на нејзината личност:

„Јас во секоја сфера од мојот живот го ’применувам’ каратето. Овој спорт ме прави да бидам упорна, истрајна, ми влева самодоверба, ме направи многу поорганизирана во животот. Мислам дека каратето ми овозможи да бидам успешна не само во спортот.“

Се‘ поголем број девојки се определуваат за тренирање карате, кик-бокс, теквондо, класичен бокс - ни малку женски дисциплини! Причините се само спортски или мотивите се и поради поголема лична безбедност? Илиевска има свое толкување:

„Во последниве години има голем наплив на девојки во каратето. Како помошен тренер во клубот тоа го забележувам. Мали девојчиња доаѓаат да тренираат. Можеби тоа е од различни причини и амбиции. Некои од спортски причини, некои за самоодбрана, но во секој случај среќна сум што каратето опфаќа се‘ поголем дел од женската популација.“

Од неодамна Илиевска своето богато искуство го пренесува и на новите клупски генерации. Но,професионалната ориентираност и‘ е на сосема друга страна:

„Да бидам искрена, јас имам малку поинакви амбиции. Бидејќи сум дипломиран електроинженер и пост-дипломец на Електротехничкиот факултет, би сакала во иднина да работам во некоја софтверска фирма. Но, како и да е, каратето останува и во иднина дел од мојот живот, или како тренер, или како стручен консултатнт во карате-федерацијата. Тоа е дел од мене.“

Großbritannien OL 2012 Logo
И на Олимписките игри во Лондон нема каратеФотографија: AP Graphics

Олимпијадата - неисполнета желба

Учеството на Олимписките игри, сонот на секој врвен спортист, веројатно останува недостижно за Наташа Илиевска. Каратето и натаму не е олимписки спорт.

„Се надевав дека во 2012 година ќе бидеме дел од Олимписките игри, но голфот ќе биде застапен на Игрите во Лондон наместо каратето. Сепак, се надевам дека еден ден, можеби во 2016-та година, ќе биде застапено на Олимпијадата“, со тага констатира Наташа Илиевска.

Автор: Златко Калински

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска