Во Бенгази не било испратено бараното засилување
10 октомври 2012Американскиот Конгрес отвори истрага во врска со нападот врз конзулатот во градот Бенгази, каде беше убиен амбасадорот Кристофер Стивенс и уште тројца Американци. Според сведоштвото на безбедносен офицер, кој бил распореден во Бенгази пред нападот, тој побарал дополнително засилување за да се обезбеди објектот, но Стејт департментот го одбил барањето.
„Имаме 15.000 безбедносни агенти во Ирак, но не можеме да си дозволиме неколку дузини во Либија? Ова нема логика. Резултатот е дека го имаме првиот убиен американски амбасадор од 1970-те години“, изјавил конгресменот Џејсон Чафетз, член на комитетот за надзор на Конгресот.
Сведокот Ерик Нордстром, кој бил распореден во Либија како безбедносен офицер на Стејт департментот, сведочел дека во март и во јули поднел барања до Вашингтон да му бидат доделени повеќе стражари, поради големиот број инциденти кои се случувале во Бенгази и низ Либија.
На затворената седница на комитетот на Конгресот Нордстром сведочел дека неговата претпоставена во Стејт департментот го држела обезбедувањето во Либија на вештачки ниско ниво. Клучните сведоштва во Конгресот се предвидени за денес.