1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во Белорусија се трага под дрво и под камен

12 април 2011

Белорусија досега не важеше за потенцијална цел на терористички напади. Се’ до вчера, кога во експлозија на бомба во станица на подземната железница во Минск и недалеку од претседателската палата, загинаа 12 лица.

https://p.dw.com/p/10rn8
Метро- станицата „Октјабарскаја“ во Минск по експлозијатаФотографија: AP


Белоруската полиција уапсила неколку лица во врска со вчерашниот напад во метро-станицата во Минск. Заменикот јавен обвинител Андреи Швед кој раководи со истрагата денеска меѓутоа не го прецизираше бројот на уапсените, ниту кажа дали станува збор за официјално осомничени лица.

Дека станува збор за терористички напад веќе нема сомневање. Бомбата поставена на перонот на централната метро станица „Октјабарскаја“, покрај еден ескалатор, содржела 5 килограми експлозив и била наполнета со шајки и железни топчиња. Последиците од експлозијата биле катастрофални.

Лукашенко: Да се преврти секој камен во Белорусија

Minsk Explosion U-Bahn 11.07.2011
Спасувачките екипи но и цивили им помагаа на настраданите во МинскФотографија: picture-alliance/dpa

Очевидци говорат за застрашувачки слики кусо по пристигнувањето на еден воз на станицата, која била обвиена во чад.

„Помислив - ова е кошмар. Одеднаш се’ беше во чад. Имав чувство дека крвта ми се качува во очите“ , вели еден од нив.

Во болниците во Минск лежат околу 50 повредени во експлозијата. Некои од нив се и во животна опасност.

Претседателот Александар Лукашенко во обраќањето до нацијата побара од безбедносните служби- цитираме- „ да биде превртен секој камен во Белорусија за да се пронајде атентаторот.

„Велам сосем јасно: господа ова е сериозен предизвик. Мора да се најде адекватен одговор.“

Трагите не водат кон Кавказот

Explosion in der U-Bahn in Minsk
Претседателот Александар Локашенко (прв од десно) го посети местото на злосторствотоФотографија: AP

Опозицијата во земјата, која и без тоа е шиканирана од Лукашенко кој владее автократски со земјата 17 години, сега стравува од натамошни ограничувања. Нејзини претставници се прашуваат кому политички му користи нападот во метро станицата. Во меѓувреме, на белоруските интернет страници дури кружат шпекулации дека Лукашенко самиот стои зад нападот за да го оттргне вниманието од внатрешнополитичките проблеми.

Иако атентатот во Минск потсетува на нападите во московското метро , досега нема траги кои водат кон Кавказот. Под истрага се и десноекстремистичките кругови, кои беа под сомневање за нападот извршен за време на еден фестивал на отворено во 2008, но сторителите тогаш не беа фатени.

Руски експерти за експлозив од тајната служба ФСБ денеска пристигнаа во Минск да помогнат во истрагата. Рускиот премиер Владимир Путин му вети неограничена поддршка на Лукашенко.

Автор: Херман Краузе/ Симе Недевски

Редактор: Трајче Тосев