1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во арапските држави продолжува да врие!

17 февруари 2011

Денеска „Ден на гневот“ во Либија, но и политички превирања во Бахреин - таму опозицијата го напушти парламентот, а медиумите јавуваат за загинати, повредени и уапсени по полициската интервенција во Манама.

https://p.dw.com/p/10ISQ
Манама - ситуацијата е тешкаФотографија: picture alliance/dpa

Најмалку четворица загинати и околу 60 повредени - тоа е билансот по интервенцијата на полицијата на плоштадот во главниот град на Бахреин, Манама, која насилно го расчисти плоштадот од демонстранти во текот на изминатата ноќ.

„Никому не сторивме ништо. Сите спиевме, кога бевме изненадени и нападнати“, вели еден од шесте илјади демонстранти на плоштадот Лулу.

Ибрахим Матар, од најголемата опозициона партија во Бахреин - Вефак, за агенцијата Ројтерс изјави дека парламентарците од Вефак ќе го напуштат парламентот. Претседателот на оваа партија, Абед ал Џалил Калил, по интервенцијата на полицијата во Манама, зборува јасно:

„За да се спречат вакви конфронтации постојат повеќе начини. Кој и да ја донел одлуката, сакал да убива.“

Ештон повикува на мир

Bahrain Unruhen Proteste
Демонстрантите велат дека биле изненадени и нападнати од полицијата додека спиеле на плоштадот ЛулуФотографија: picture alliance / dpa

Првиот дипломат на ЕУ, Кетрин Ештон, побара од властите во Бахреин да го почитуваат правото на граѓаните на собирање. Ештон денеска во Брисел повика на „мир и воздржаност“ во арапската држава. „На мирното изразување на потребите на населението треба да се одговори со дијалог“, изјави Ештон.

Во Бахреин живеат претежно шиити, но во малата заливска држава владее сунитската владетелска династија на кралот Мохамед бин Иса ел Калифа. Опозицијата тврди дека не сака да го урне кралот, туку бара темелни политички реформи.

„Ден на гневот“ во Либија

Ситуацијата се заострува и во Либија. За денеска опозицијата преку социјалните мрежи и инетрнет повика на масовни демонстрации на т.н. „Ден на гневот“. Демонстрациите на противниците на режимот би требало да потсетат на 17 февруари 2006 година, кога во градот Бенгази демонстрациите против карикатурите на Мохамед се претворија во демонстрации против либиското раководство и во кои имаше загинати и повредени.

Proteste in Libyen Tripolis
Ситуацијата се заострува и во ЛибијаФотографија: picture alliance/dpa

Дописникот на првиот канал на германската телевизија, цитирајќи ја социјалната мрежа Твитер и либиските медиуми, јавува дека снајперисти во градот Бејда, на истокот на Либија, убиле најмалку четворица демонстранти. Освен тоа, според мрежата Фејсбук, два понудувачи на услуги од мобилната телефонија запреле со работа во Бејда, а блокиран е и интернетот. Од градот Бенгази, пак, доаѓаат информации дека Гадафи испратил трупи, а на покривите се позиционирани снајперисти.

Демонстрации и про-Гадафи

Во текот на двете изминати ноќи, безбедносните сили преземаа остри мерки против демонстрантите. Само во Бенгази биле убиени најмалку две лица, а уапсени се десетици. Во судирите меѓу приврзаниците и противниците на лидерот Моамер ел Гадафи, во изминатите 36 часа има шестмина загинати, се вели од опозициони кругови.

Во близина на стариот дел од главниот град Триполи, како што јавуваат агенциите, денеска се собраа и приврзаниците на владетелот Моамер ел Гадафи за, како што велат, да го бранат Гадафи и револуцијата. Тие извикуваат: „Револуцијата продолжува“. Моамер ел Гадафи владее во Либија од 1969 година и екстремно ретко има собири кои не се организирани од неговиот режим. Ексцентричниот лидер ги критикуваше востанијата во Тунис и Египет и рече дека нема да дозволи масовни демонстрации во Либија.

Автор: ЕМФ/ТТ/дпа/афп/ртр/ард

Редактор: Жана Ацеска