1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Во април предвремени избори во Грција

11 март 2012

По 15-ти април ќе се одржат предвремени избори за парламентот во Грција. Лидерот на ПАСОК, Јоргос Папандреу, официјално поднесе оставка на функцијата претседател на партијата.

https://p.dw.com/p/14J1C
Фотографија: picture-alliance/dpa

Предвремените парламентарни избори во Грција ќе бидат организирани по 15-ти април, изјави денеска (11.03) Андонис Самарас, лидер на Нова демократија, која е дел од владејачката коалиција.

„Изборите ќе се одржат веднаш по празникот Велигден“, изјави Самарас на партиска седница.

Тој нагласи дека целите за изминатите пет месеци се постигнати, укажувајќи на зделката за размена на обврзници со што ќе бидат отпишани 105 милијарди евра од грчкиот национален долг.

Јоргос Папандреу поднесе официјално оставка

Лидерот на ПАСОК Јоргос Папандреу официјално поднесе оставка на функцијата претседател на партијата и на негово место се очекува да биде избран актуелниот министер за финансии Евангелос Венизелос.

Griechenland Papandreou
Папандреу се повлекува од функцијатаФотографија: AP

Папандреу во Атина изјави:

„Донесов тешки одлуки. Тие можеби скапо ме чинеа политички, но вредеа за трудот“, соопшти Папандреу, кој вчера официјално ја потврди оставката најавена во ноември, кога беше избрана нова коалициска влада.

Партиските избори ќе бидат на 18 март, а Венизелос, кој најверојатно ќе биде нов лидер на партијата, наведе дека пред ПАСОК е „тешка мисија за обнова на Грција“.

На партискиот собир во Атина имаше и инцидент откако пезионер, член на партијата, кој одеше со помош на штаки, фрли јогурт врз Папандреу.

Автор: ЖА/ЕМФ/миа

Редактор: Е. М. Фиданоска