Во Австралија воведен данок на јаглерод диоксид
8 ноември 2011Австралискиот парламент со тесно мнозинство го изгласа Законот за спречување на загадувањето со кој се става крај на жестоката дебата во земјата која траеше со години. Со законот им се налага на сите фабрики и други произведувачи кои користат јаглен како погон, да плаќаат посебен данок, од 1 јули наредната година. Премиерката Џулија Гилард го оцени законот како историски и најави дека тој е само дел од планот за заштита на природата и намалување на последиците од климатските промени. Сите произведувачи во иднина ќе плаќаат по околу 24 долари за секој тон јаглерод диоксид кој ќе биде испуштен во атмосферата.
Гилард најави дека реформите ќе опфатат и големи инвестиции во обновливи извори на енергија, кои треба да резултираат во намалување на емисиите на штетни гасови за 160 милиони тони до 2020 година, што е еднакво на отстранување на 45 милиони автомобили од патиштата.
Досега само уште Нов Зеланд и Европската Унија презедоа слични мерки за намалување на емисиите на штетни гасови.
Автор: БГ/СН/ап
Редактор: Е. М. Фиданоска