1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

„Војна е!“

27 јули 2006

Либанците бегаат од израелските бомбардирања: бегаат од земјата или кон посигурните места на север. Но, бегаат и Израелците од ракетите на Хезболах: кон појужните и посигурни места во земјата. Со некои од нив разговараше Карстен Вик:

https://p.dw.com/p/Ac4d
Бегство од ракетите на Хезболах:разураната куќа во Хаифа
Бегство од ракетите на Хезболах:разураната куќа во ХаифаФотографија: AP

Кога и да е станува неиздржливо. Кога сирените завиваат и доаѓаат ракетите каќуши, првата желба е бегство. Наоми пред некој ден тоа вака го доживеа:„Кога паѓаат каќушите силно одекнува. Многу домови веќе се оштетени. Многу, многу тешко е да се остане„.

Куќата на Наоми се наоѓа само девет километри од либанската граница. Војната премногу се приближи:„Десет дена со ќерките бевме во бункер, и само повремено, кога беше мирно, можевме да влеземе дома„.

Како и скоро секоја куќа до либанската граница, и нејзината има простор за криење. Денес Наоми со нејзиното семејство живее кај пријатели во близина на Тел Авив додека ситуацијата не се смири. „Тука е посигурно„, вели.

И Далила и Охат сакаа да заминат кога паднаа првите ракети и кога над нив летаа израелските воени авиони, но – не можеа. Далила беше во болница и го доби второто дете:„Започна со свиреж. Мислев дека е сирена, но кога падна ракетата мислев дека беше до мојот кревет„.

Во меѓувреме и младата двојка со двете деца ја напушти куќата која е на десет километри од границата кон Либан – што е опасно по животот:„Се разбира дека е тешко. Војна е. Тука живееш, а мораш да го напуштиш домот. Но, има причина, не го правиме тоа за ништо. Станува збор за правда„.

Како Охат размислуваат скоро сите Израелци, дури и ако самите се засегнати. Заминуваат посебно поради децата, зашто сакаат да ги поштедат, вели Далила:„Сега е голем одмор и децата слушаат како ракетите експлодираат покрај куќите. Цел ден се седи во бункер. Тоа не е лесно за децата„.

А, сепак, ќе се вратат во пограничното подрачје, по можност бргу, како што се надеваат. Можеби веќе во наредната недела:„Секогаш ќе останам таму, зашто го сакам тоа место. Никаква војна не може да не исплаши и да не истера од таму„.