1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воскреснување на „култот на личноста„ во Србија

16 март 2006

Милошевиќ нема да добие државнички погреб, но наспроти тоа функционерите на неговата Социјалистичка партија успеваат да создадат вистински култ на личноста околу поранешниот Претседател на државата. За жртвите на т.н. „касапин од Балканот„ ваквата постапка сигурно изгледа како исмевање кон нивните страдања – смета Верица Спасовска, автор на следниот коментар.

https://p.dw.com/p/Ae3C
Портрет на Милошевиќ со црн флор
Портрет на Милошевиќ со црн флорФотографија: AP

Култот на личноста е феномен од минатото, го познаваме од титова Југославија, од сталинистичка Русија и од Северна Кореја во која владее комунизам од прастар ков. Всушност овој феномен му припаѓа на ѓубриштето на историјата, бидејќи за него нема место во демократските држави каде самосвесните граѓани диференцирано се конфронтираат со нивните политички водачи.

И покрај тоа, приврзаниците на починатиот поранешен претседател на Србија посегнуваат по таквиот ефтин популистички инструмент за да ја подбуцнуваат јавноста во Србија против Западот. Тоа е провиден обид на Социјалистичката партијата од смртта на Милошевиќ да извлече што е можно поголем политички капитал. За таа цел посмртните останки на Слободан Милошевиќ ќе бидат изложени во близината на гробот на Тито, во квартот со вилите Дедиње. Така Милошевиќ, кој уште додека беше жив си посакуваше да биде толку почитуван колку Тито, сега ќе може барем по смртта да му биде блиску.

Државнички погреб нема да има, тоа за среќа на време успеа да го спречи актуелниот српски Претседател Борис Тадиќ. Но, ковчегот сепак со денови ќе биде јавно изложен во Музејот на револуцијата, каде населението ќе може да му одаде последна чест. Тоа е отстапка, што социјалистите, кои патем имаат само 22-ца пратеници во српскиот парламент, успеаја да ја искамчат од малцинската влада на премиерот Коштуница. Во спротивно се заканија дека ќе ја повлечат довербата кон владата. Српската влада при тоа не е сриозно загрозена, туку целата постапка на социјалистите е насочена кон сопствена рехабилитација. Угледот на партијата имено беше сериозно дискредитиран преку политиката на починатиот диктатор.

За жртвите на истата таа политика, ваквиот култ на личност кон Милошевиќ е секако исмевање на нивните страдања. Ова важи не само за Хрватите, Босанците и Албанците кои паднаа како жртви на неговата експанзионистичка политика, туку и за сите оние Срби, кои излегоа на улиците и го ризикуваа сопствениот живот при соборувањето на Милошевиќ од власт.

Постапката околу неговиот погреб фрла неубава светлина и врз српското правосудство. Планираното повлекување на налогот за апсење (дури и ако е привремено) на вдовицата на Милошевиќ и на неговиот син е вистински скандал. Српските власти имено со годони веќе водат истражна постапка за бројни злостори на семејството Милошевиќ, почнувајќи од големиот шверц со цигари, до налози за убиства. Ова не е добро свидетелство за српското правосудство, а ги крши и сите демократски стандарди што ЕУ ги очекува од кандидатите за прием. Исто време ова е и инајдобар доказ против сите оние кои тврдеа дека Слободан Милошевиќ треба да биде изведен пред суд во Србија, а не во Хаг.

На крајот останува само да се надеваме дека целата приказна околу погребот на Милошевиќ е само минлива епизода што набргу ќе се заборави. Во секој случај внимателното приближување на Србија кон ЕУ, што изминативе две години неочекувано го придвижи премиерот Воислав Коштуница, не смее да биде уништено од старите политички сили во земјата.