1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ворхол како „закуска“ во Питсбург

24 септември 2009

Во Питсбург лидерите на Г20 дискутираат за контурите на новиот глобален финансиски поредок. Нивните брачни партнери пак ќе го посетат музејот на можеби најпознатиот син на Питсбург, Енди Ворхол.

https://p.dw.com/p/Jnrx
Делото на Ворхол „Последната вечера“ може да се види во музејот во ПитсбургФотографија: AP

Енди Ворхол го мразеше Питсбург, градот во кој израсна. Во тоа време воздухот во градот беше загаден со чад од термоелектраните на јаглен и фабриките за челик. Индустриските отпадни води ги труеја реките. Ворхол растеше во 30-те и 40-те години во сиромашно опкружување и често беше болен. Уште како дете ги засака филмовите.

15-те минути слава минуваат бргу

Andy-Warhol-Museum in Pittsburgh
Зградата на музејот „Енди Ворхол“Фотографија: AP

По Втората Светска Војна студираше дизајн на Универзитетот во Питсбург. Во педесетите години заминува за Њујорк и многу успешно работи во рекламната бранша како графичар.

„ Ова што го гледате пред себе се дела кои многу се разликуваат од она што Ворхол вообичаено го творел. Не станува збор за отисоци во сито печат туку за слики“.

Том Соколовски е директор на Музејот „Енди Ворхол“ во Питсбург. Во седумкатната зграда на музејот се наоѓаат бројни дела на прочуениот уметник. Музејот е оддалечен само стотина метри од конференцискиот центар во кој се среќаваат претседателите на држави или на влади на земјите од Г20. За тоа време директорот на музејот ќе ги пречека нагости нивните брачни партнери. На Енди Ворхол би му се допаднала една таква посета, вели Том Соколовски:

„Да, нему тоа би му се допаднало. Ворхол имаше компликуван и комплексен однос кон славата. Тој велеше дека во иднина секој ќе има свои 15 минути светска слава. Знаеше дека тие 15 минути бргу минуваат“.

Добри врски со Германија

Andy Warhol
Енди ВорхолФотографија: AP

Во музејот можат да се видат и најпознатите дела на контроверзниот уметник- портретите на Мерлин Монро и Елвис Присли. Ворхол создаваше слики со голема брзина-како на фабричка лента. Снимаше филмови, пишуваше театарски дела, издаваше часопис. Музејската поставка ја покажува неговата сестраност.

Ворхол и денес ја изненадува јавноста. Пред се‘ кога станува збор за т.н Брило кутии, картонски кутии за хемиски производи на американската фирма Брило, во кои Ворхол ставаше се’ што ќе му дојде при рака- чинии, соларници, чевли од Клерк Гејбл или дијамантски прстен. Преку 600 такви кутии тој остави зад себе. Досега се отворени само половина од тие кутии, а во една од нив неодамна е пронајдено писмо од поранешниот германски премиер Вили Брант. Ворхол имаше добри врски со Германија:

„Имаше германски пријатели како Јозеф Бојс а познаваше и многу германски колекционери“, вели Соколовски.

Автор: Миодраг Сориќ/ Симе Недевски

Редактор: Жана Ацеска