1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Волфсбург влегува во серија

Б. Георгиевски/дв/кикер19 ноември 2012

Фудбалерите на Волфсбург продолжија со добрите игри по смената на тренерот Феликс Магат, сега засилени и со нов менаџер. Бајерн за првпат одигра нерешено сезонава, Бајер Леверкузен во добра форма.

https://p.dw.com/p/16lVS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Фудбалерите на Бајер Леверкузен победија во дербито на 12. коло на Бундеслигата против Шалке со 2:0. Фудбалерите на Бајер пред своите навивачи успеаја во целост да го сопрат силниот напад на тимот од Гелзенкирхен и во, за нив, некарактеристична игра на контранапади, на двапати да го совладаат гостинскиот голман. Головите за Леверкузен ги постигнаа Шурле и Кислинг по речиси идентични ситуации, користејќи грешки на гостинската одбрана.

Со трите бода, Бајер се искачи на петтото место на табелата и сега го делат само два бода од Шалке кој е на третата позиција со 23 поени.

Во неделните дуели, Вердер во Бремен успеа да ја совлада Фортуна Диселдорф и покрај тоа што играше со играч помалку во последните 20 минути од мечот. Гостите дојдоа во водство во првото полувреме преку Лангенеке. Победата на Вердер му ја донесоа Петерсен и Де Брујне со голови во вториот дел. Фортуна со поразот за првпат сезонава падна во зоната за испаѓање, додека Вердер се зацврсти на седмата позиција со 17 бода.

Нирнберг му зеде бод на Бајерн

Екипата на Волфсбург игра како препородена по заминувањето на Феликс Магат од тренерската позиција. Во неделата „жртва“ на разиграниот Волфсбург беше тимот на Хофенхајм, кој беше немоќен пред домашната публика да се спротивстави на расположениот противник. Волфсбург поведе со 2:0 уште во првиот дел со головите на Хазебе и Дост, на 3:0 зголеми Налдо во вториот дел, а почесниот погодок за домаќините го постигна Дердијок пред самиот крај. Волфсбург со 14 бода полека фаќа приклучок со горниот дел на табелата, додека Хофенхајм опасно се приближува кон зоната која значи борба за опстанок.

За изненадување на колото се погрижија фудбалерите на Нирнберг кои ги издржаа налетите на Бајерн Минхен во баварското дерби и извлекоа бод пред домашната публика против фаворизираниот ривал. Бајерн, кој на мечот настапи без неколкумина стандарди првотимци, дојде во водство преку Манџукиќ уште во 3. минута. Конечните 1:1 ги постави Фојлнер на почетокот на вториот дел.

Fußball 1. Bundesliga 12. Spieltag Bayer Leverkusen - FC Schalke 04
Андре Шурле (Бајер Л)Фотографија: picture-alliance/dpa

Дортмунд рутински до победата

Првакот Борусија Дортмунд немаше тешка задача во дуелот со новајлијата во лигата Гројтер Фирт. Во рутинската победа од 3:1 за одбележување беше извонредниот гол на Марио Геце, кој по еден соло продор го постави конечниот резултат. Борусија се искачи на четвртата позиција на табелата со 9 бода заостанување зад лидерот Бајерн.

На третата позиција остана тимот на Ајнтрахт кој во Франкфурт го победи Аугсбург со 4:2. Иако на хартија тоа беше дуел на два тима кои годинава се вратија во првата лига, Франкфурт уште еднаш покажа дека не случајно сезонава се бори за висок пласман.

Во Хамбург, домашниот тим однесе среќна победа над Мајнц од 1:0. Единствениот гол домаќините го постигнаа од офсајд позиција, а кон крајот на мечот не беше досуден и пенал за гостите. Двете екипи сега се израмнети со по 17 бода на делба на 8. позиција на табелата.

Борусија Менхенгладбаг по трите победи едноподруго изненади со пораз на домашен терен од Штутгарт. Домаќините постигнаа два гола на мечот, но едниот во погрешниот гол, по што Штутгарт славеше со 2:1.

Fußball Bundesliga Hannover Freiburg
Фудбалерите на Фрајбург се радуваат на победата во ХановерФотографија: picture-alliance/dpa

Во последниот меч од колото, Фрајбург го изненади Хановер на гостински терен победувајќи со 2:1. По неколкуте мечеви едноподруго во кои фудбалерите на Хановер успеjаа да се вратат по резултатска негатива, овојпат Фрајбург успеа да го издржи притисокот и да однесе заслужена победа со која се искачи на 10. место на табелата.