1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Волфзбург не попушта, само Херта без победа во првенството

27 септември 2004

Волфсбург останува на чело на табелата и по шестото коло на Бундеслигата. Први победи на Хановер и Арминија, Херта единствениот тим кој уште не се израдува на победата. Во формула еден прва трка во Кина и победа на Барикело. Лош ден за шампионот Михаел Шумахер.

https://p.dw.com/p/Aem5
Михаел Шумахер не се истакна во Шангај
Михаел Шумахер не се истакна во ШангајФотографија: AP

Волфсбург одигра слаб натпревар против Кајзерслаутерн, среќно дојде до победата со голот на Шпанецот Диего Фернандо Климовиц постигнат во последната минута, па сепак ја одбрани водечката позиција на табелата. “Нас не прави силни тоа што имаме тим кој не се состои од 11, туку од 24 играчи. Но, за шампионска титула ние не сме или се‘ уште не сме доволно силни” – вели тренерот Ерик Герец. “Ако тие продолжат вака и понатаму, можат и да останат на врвот” – оцени Курт Јара, тренер на Кајзерслаутерн, кој и не е осамен со таквото мислење, туку го споделуваат и поголемиот дел од тренерите на прволигашките екипи. И покрај одличниот старт и петте победи во шест настапи, стадионот во Волфсбург и натаму е полупразен – против Кајзерслаутерн имаше само околу 18 илјди гледачи.

Дерби на колото беше средбата во Штутгарт, но само според имињата на противниците, бидејќи Баер Леверкузен повторно се претстави во разочарувачко издание. Во сите 90 минути домаќинот беше доминантен и убедливите 3 спрема 0 се сосем заслужени, иако Штутгарт играше без репрезентативниот голгетер Кевин Курањи. “Првото полувреме го преспавме. Во второто повеќе се потрудивме, но само до 30 метри од противничкиот гол. Немаше центаршутови, напаѓачите премалку се движеа, чекаа само да бидат проиграни пред противничкиот шеснаесеттик и не помагаа каде што беше потребно. Ова беше повторно чекор назад” – очигледно незадоволен анализираше тренерот на Баер Клаус Аугенталер.

Освојувачот на двојната круна Вердер Бремен забележа убедлива победа од 4 спрема 1 на гости кај Бохум. Како и на претходниот викенд, повторно играч на натпреварот беше Мирослав Клозе. Иако беше внесен во игра дури во второто полувреме, тој го подготви водечкиот гол за својот тим, а откако Бохум изедначи, три пати самиот ја затресе мрежата и му ја запечати судбината на домаќинот. “Се разбира дека им се радувам на головите, но за се‘ сум му благодарен на тимот” – остана скромен германскиот репрезентативен напаѓач Клозе, инаку родум од Полска.

Во Минхен гостинот од Фрајбург надмоќен, но домаќинот поефикасен: Баерн по водството на Фрајбруг со 1 спрема нула, забележа победа од 3 спрема 1. “Убаво е што овде се надигрувавме, доминиравме и имавме повеќе гол-шанси. Но, почесто ни се случуваше овде да бидеме барем рамноправни и потоа сепак да загубиме. Значи, време е стадионов да биде урнат” – горко прокоментира голманот на Фрајбург Рихард Голц.

Борусија во Менхенгладбах во првиот дел си обезбеди убедливо водство од 2 спрема 0, благодарение на екс-репрезентативецот Оливер Невил, досега единственото вистинско од повеќето доведени засилувања спроти почетокот на првенството. Но, предноста се покажа недоволна за конечна победа – со двата гола на Антонио до Салво, во Германија роден од сицилијански родители, Ханза Росток спаси бод.

Арминија Билефелд првата победа во шампионатот ја постигна на гостувањето кај Нирнберг, со кого минатата година заедно играше во 2-та лига. Првиот успех го прослави и Хановер – единствениот гол на мечот против Шалке е постигнат во финишот на средбата.

Борусија Дортмунд оствари водство и може само да жали по редицата пропуштени шанси откако домаќинот Мајнц го изедначи резултатот, но до крајот остана 1 спрема 1. Тренерот на Борусија, Холанѓанецот Берт ван Марвајк не им се лути само на своите напаѓачи: “Уште еднаш ја погледав целата ситуација – тоа беше стопроцентен гол. Невероајтно дека судијата не го виде тоа” – рече ван Марвајк за непризнаениот, а всушност регуларен гол пред самиот крај на натпреварот.

Јапонскиот репрезентативец Наохиро Такахара го спаси тренерот на Хамбургер Клаус Топмелер, кому по слабиот почеток на тимот во првенството му се закануваше отказ. Јапонецот, кој во последно време не беше ни резерва, туку играше за аматерите на Хамбургер во третата лига, ги постигна обата гола доволни за победа против Херта Берлин од 2 спрема 1. За Херта по серијата од пет нерешени средби ова беше прв пораз, но таа останува и единствен провлигаш кој уште не забележа победа во новото првенство.

На табелата води Волфсбург, пред Штутгарт, Вердер, Баерн и новиот лигаш Мајнц. На дното се Херта, Арминија, Хановер и Ханза, при што Арминија и Хановер имаат по натпревар помалку.

Од фудбалот уште и следнава информација: поранешниот германски селектор Руди Фелер по само 93 денови и 4 прволигашки натпревари како тренер на италијанскиот прволигаш Рома, чиј дрес повеќе години го носеше како играч, поднесе оставка. Повод беше слабиот старт на кандидатот за титулата: Рома забележа само една победа во 4 средби. Последниот пораз на гостувањето кај Болоња ја прелеа чашата. “Иако денес изутрината клубот, претседателот и комплетниот тим се обидоа да ме наговорат да останам, едноставно им реков дека немам чувство оти овде ќе излезам на крај со мојот начин на кој сум навикнал да го водам тимот – во разговор, во дијалог да ги убедам играчите што е вистинско, а што погрешно” – го објасни Фелер својот чекор.

Германската тениска репрезентација го загуби решавачкиот дуел за враќање во светската лига од Девис-купот против Словачка во Братислава со 3 спрема 2. Решавачки беше поразот на Томи Хаас, втор во 17-иот меч за Девис-куп репрезентацијата, против Доминик Хрбати. Така Словаците изадначија на 2 спрема 2, а потоа во последниот дуел Карол Кучера лесно го совлада дебитантот Флоријан Маер и и‘ ја донесе победата на Словачка.

Во формула еден прва трка за Големата награда на Кина: на новата патека во Шангај Бразилецот Рубенс Барикело од тимот на Ферари ќе остане забележан како прв победник, пред возачот на БАР Џенсон Батон и Кими Рајконен од Мекларен Мерцедес. Светскиот првак Михаел Шумахер по низа од проблеми заврши како 12-ти. Неговиот пмлад брат Ралф повторно седна во болидот на Вилијамс по 14 недели ор повредата, но во 38-от круг се судри со Култхард и мораше да ја напушти трката.