160211 Börsenfusion Reaktionen
16 февруари 2011Надзорните одбори веќе дадоа согласност, а фузијата - ако ја одобрат и акционерите, како и антикартелските власти - треба да биде извршена до крајот на годинава.
Светот се прашува: ќе биде ли Волстрит, срцето на финансискиот капитализам, во иднина раководено од Германија? Во идниот заеднички концерн, чие седиште, патем, официјално ќе биде во Холандија, Германската берза од Франкфурт ќе има учество од 60 проценти, но обете страни нагласуваат дека се здружуваат два рамноправни партнера.
„Заедно со њујоршката берза ќе имаме водечка позиција на речиси сите полиња на кои дејствуваме, како во Европа, така и во САД“, нагласува Рето Франчони, претседател на Управниот одбор на Германската берза од Франкфурт.
„Тоа ќе не‘ доведе во состојба да опстоиме во се’ поострата конкурентска борба во се’ поглобалниот бизнис“, вели Данкан Најдерауер, досегашниот раководител на берзата во Њујорк, кој ќе биде на чело на здружениот берзански концерн.
Класичната трговија со акции ќе биде здружена во Њујорк, а во Франкфурт ќе се концентрира бизнисот со шпекулативни зделки, таканаречени деривати.
Њујорк стоук ексчејнџ со децении е симбол за американскиот капитализам, но се фузионира поради заштеда на трошоците. За финансискиот свет од Њујорк ова значи дека опаѓа значењето на градот како финансиски центар.
„Сметам дека нашата конкурентност на меѓународните пазари веќе од поодамна опаѓа и фузијата го отсликува тој факт“, проценува Хол Скот, финансиски експерт од универзитетот Харвард.
Новиот холдинг ќе остварува приход од 4,1 милијарди евра а заштедата со здружувањето се проценува на 300 милиони.
Автор: Клаудија Саре/Зоран Јордановски
Редактор: Жана Ацеска