1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Воз на надеж

А. Петрович/М. Остапчук/ С. Недевски4 ноември 2013

Сѐ повеќе луѓе бегаат од рускиот Северен Кавказ во ЕУ. Тие се нешто меѓу економски и политички бегалци. Нивниот пат најчесто води преку Белорусија. Пограничниот град Брест профитира од тоа .

https://p.dw.com/p/1AAHp
Фотографија: DW/A. Petrovitsch

Секое утро во 8.01 од железничката станица во белорускиот Брест тргнува воз кон блиското полско место Тереспољ. Во текот на денот тоа растојание го поминуваат три воза, но особено е баран утринскиот. По правило, повеќе од половината патници се луѓе од Северен Кавказ. Некогаш во возот влегуваат дури и 300 патници. Возењето до границата со ЕУ е само 20 минути.
Според податоците на белоруските и полските власти, сѐ повеќе луѓе од Кавказ ја преминуваат границата помеѓу двете држави. Поголемиот дел од нив во Полска веднаш поднесуваат барање за азил. Според полската гранична служба, 90 проценти од нив барањата ги поднесуваат на преминот Брест-Тереспољ. Во првата половина на 2013. имало 9.500 лица. Од нив 8.730 се руски државјани. Во споредба со минатата година нивниот број е речиси удвоен.

Целта е Запад

Во текот на пасошката контрола на железничката станица во белорускиот град Брест, Кавкасците по правило немаат проблеми. Белоруската гранична полиција не мора повторно да контролира дали руските државјани при напуштањето на Белорусија имаат виза за влез во ЕУ. Веќе по поаѓањето на возот, се чувствува нервоза. Луѓето избегнуваат долги разговори. Само може да се дознае дека потекнуваат од Чеченија и оти немаат шенген-виза. Велат дека сакааат на Запад. Таму веќе живеат нивни роднини. Во нивната татковина „не е толку добро, нема слобода“.
По пристигнувањето во полскиот Тереспољ, возот најпрво го напуштаат патниците кои имаат важечка шенген-виза. Оние без виза понекогаш мораат да чекаат повеќе часа во возот додека полските граничари не ги одведат до посебните простории во зградата на железничката станица. Таму претставниците на полските власти ги испрашуваат. Што треба да одговорат, за тоа бегалците уште во Белорусија ги советуваат нивните сограѓани.
Ако успеат да ги убедат Полјаците дека биле принудени да ја напуштат татковината, можат да останат додека не се разјасни дали можат да добијат азил. Но само на некои тоа им поаѓа од рака. Поголемиот број мора повторно да се врати во возот и да замине во Белорусија. Многумина од нив сепак веќе следниот ден повторно се обидуваат да стигнат до ЕУ. Тие не сакаат назад во северен Кавказ. Често остануваат подолго време во Брест, за да почекаат нова можност за пат до ЕУ.

Профитабилен бизнис

За жителите на Брест изнајмувањето на сметување за луѓето од Северен Кавказ последните години стана профитабилен бизнис. Според агентите за недвижности, тоа има огромно влијание на цените за сместување. Тие се поголеми само уште во главниот град Минск. „Многу е попрофитабилно за една ноќ да им се изнајми сместување на Чеченците, Драгестанците или Грузијците отколку на своите сограѓани“, вели Евгениј, кој во Брест е вклучен во бизнисот за изнајмување станови. Стан за цело семејство може да чини дневно и до 100 американски долари.
Само 30 проценти од оние кои во Полска ќе поднесат барање за азил навистина во таа земја и дочекуваат да се заврши процесот. За поголемиот број Кавкасци Полска не е крајна дестинација. Тие брзо ги напуштаат бегалските центри и се движат илегално кон другите држави во ЕУ, меѓу кои и кон Германија. Најчесто не се свесни дека според правото на Унијата не смеат во некоја друга држава да бараат азил, ако тоа веќе го сториле на белоруско-полската граница. Освен тоа мораат да сметаат на тоа дека ќе бидат вратени во Полска. Но тоа за луѓето од северен Кавказ е помало зло отколку враќање во татковината.

Polen - Bahnhof Terespol
Фотографија: DW/A. Petrovitsch
Weißrussland - Regionalzug Brest - Terespol
Фотографија: DW/A. Petrovitsch