1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вознемиреност во банкарскиот кварт

26 февруари 2011

Цел на политиката е да ја намали задолженоста на Грција без кај Грците да папса желбата за реформи. Финансиските пазари, пак, посакуваат репрограмирање на долговите без да бидат засегнати приватните доверители.

https://p.dw.com/p/10CRT
Фотографија: DW

Пазарите на капитал се во латентна вознемиреност оти се загрижени поради презадолженоста во земјите на периферијата на ЕУ. Идејата на „чадорот за спас“ на еврото е добра работа, смета Ролф Шнајдер, економист во „Алијанц“. Земјите од еврозоната ставаат на располагање 440 од вкупно 750 милијарди евра, но тоа во моментов важи само теориски, објаснува тој:

„Тоа беше јасен концепт, но поради оцената на бонитетот на овој Фонд, на чадорот за спас, де факто на располагање во моментов се само 250 милијарди евра. Ми се чини оправдано барањето механизми, можеби повисоки гаранции, за навистина во целост да можат да се искористат 440-те милијарди евра.“

Само Германија, Франција, Холандија и Австрија го имаат највисокиот бонитет и можат да го оправдаат високиот рејтинг-статус на чадорот за спас. За навистина да можат да се користат 440 милијарди евра би требало да се зголемат гаранциите и резервите на пари во готово. Емисијата на обврзници во првата недела од јануари покажа дека пазарите на капитал, во основа го оценуваат чадорот за спас како добар инструмент. Европскиот фонд за спас без проблем успеа да собере пет милијарди евра за помош за Ирска. Антје Префке, девизен експерт во „Комерцбанк“, смета дека е тоа добар знак:

„Тоа покажува дека доверителите стекнуваат доверба оти еврозоната може да ги реши проблемите. Тие ставаат на располагање пари, но сепак, јасно е дека на политичко ниво се неопходни големи дискусии околу тоа дека мора да се најде долгорочен механизам. Тоа значи, ова е почеток, но кризата се‘ уште не е надмината.“

NO FLASH Irland Finanzhilfe EU IWF Rettungsfonds
Само Германија, Франција, Холандија и Австрија го имаат највисокиот бонитет и можат да го оправдаат високиот рејтинг-статус на Европскиот фонд за спасФотографија: dpa

Финансиските пазари бараат јасност

Сепак, премиите за ризик повторно се зголемија. Луѓето од берзата повторно се несигурни, оценува Ролф Шнајдер.

„Една работа е дека финансиските пазари уште не веруваат дека земјите навистина ја совладале должничката криза. Особено во случајот со Грција финансиските пазари не веруваат дека таа било кога ќе може да ги намали долговите. Нашето мислење е поинакво. Доколку се спроведува повеќегодишен ригорозен курс на штедење, сметаме, Грција би била способна да го оствари тоа. Но, на финансискиот пазар генерално, нема ваква верба.“

Финансиските пазари бараат од политиката јасни ставови, зашто несигурноста делува парализирачки:

„Се‘ додека во политиката владее неединство и на повидок нема јасни решенија, инвеститорите ќе бидат многу претпазливи во однос на натамошен ангажман. Двете работи водат до тоа, премиите за ризик, особено за Грција, да бидат и натаму екстремно високи.“

Jahresrückblick 2010 International April Finanzkrise Griechenland
Премиите за ризик, особено за Грција, се и натаму есктремно високиФотографија: AP

Можни варијанти за излез

Затоа во оптек се размислувања кои би требало да и‘ помогнат пред се‘ на Грција да го реализира планот за спас, како на пример преку продолжување на кредитите за помош. Но, и во тоа повторно улога игра Европскиот фонд за спас, вели Шнајдер:

„Замисливо е Фондот да купува грчки обврзници на секундарниот пазар, но замисливо е и Грција директно да ги откупува своите обврзници. Мора да се разговара и околу тоа обврзниците од Грција, што ги купи Европската централна банка, да и‘ ги врати на Грција. Шармот на таквите решенија е што обврзниците се купени по курсеви значително пониски од почетниот, па Грција така би имала можност донекаде да ги намали долговите.“

Меѓу економистите е спорно дали вакво нешто навистина би функционирало. Финансиските пазари сметаат дека вистинска помош би била само јасна политичка стратегија и нејзино спроведување.

Автор: Бригите Шолтес / Елизабета Милошевска Фиданоска

Редактор: Борис Георгиевски