1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Возбудлив фудбалски викенд во Германија

12 мај 2008

31 гол и многу возбудувања. Вака може да се опише триесет и третото, претпоследно коло во фудбалската Бундеслига, кое го одбележа битката за опстанок. Келн и Борусија Менхенгладбах се враќаат во елитата.

https://p.dw.com/p/DyNA
Навивачите на Келн го слават успехотФотографија: AP

Голема радост во Котбус, каде домаќинот со победата против Хамбург од 2:0 обезбеди опстанок:

„Наредната година повторно ќе играме во првата лига. Тоа во моментов е најважно. Овој натпревар подоцна добро ќе го анализираме. Утре, задутре, сеедно“, изјави тренерот на Котбус, Бојан Парсникар. Спротивна слика во Росток, каде тимот на Ханза по поразот од 2:1 против Баер Леверкузен по трет пат се сели во втората лига:

„ Морам јасно да им дадам комплименти на нашите навивачи, кои го поддржуваа тимот. Тоа беше сигурно сензационално. Исто и за тимот кој се обиде да стори се’ од безизлезната ситуација“, рече тренерот на Ханза, Пагелсдорф. Неговиот тим е последен на табелата со 27 освоени бодови. Едно место погоре е Дуизбург, кој по поразот од шампионот Баерн Минхен на домашен терен од 3:2 исто така нема шанси за опстанок во последното коло. Шок за тренерот Руди Бомер:

„ Во моментов се чувствувам многу тешко„ рече Бомер

Кој ќе биде третиот патник во втората лига?

Останува отворено прашањето, кој ќе биде тимот кој заедно со Росток и Дуизбург ќе се пресели во втората лига. Одговорот ќе биде познат во последното коло. Во игра се два тима. Арминија Билефелд и Нирнберг. Арминија синоќа на домашен терен одигра нерешени 2:2 против Борусија Дортмунд. Домаќините имаа водство до 83-та минута, кога по грешка на голманот Борусија израмни. Тренерот на Билефелд, Михаел Фронцек беше разочаран:

„ Фрај изведе фантастичен слободен удар, кој ја донесе целата несреќа на светот. Убеден сум дека ќе одиграме одлично и во последниот натпревар против Штутгарт„

Fussball Bundesliga Arminia Bielefeld Borussia Dortmund
Од натпреварот меѓу Арминија Билефелд и Борусија ДорртмундФотографија: AP

Арминија во последното коло мора да победи за опстанок, со оглед на фактот дека има само два бода предност пред Нирнберг, кој во моментов е третиот тим во долниот дел на табелата. Сепак по вчерашниот пораз од Херта во Берлин со минимални 1:0, тренерот Томас Фон Хесен смета дека не е се загубено:

„ Со победа во последниот натпревар против Шалке можеме да обезбедиме опстанок. Се разбира дека се ќе зависи и од резултатот од натпреварот Штутгарт Арминија„ изјави Хесен

Вердер и Шалке во трка за втората позиција

Последното коло во Бундеслигата не носи возбудувања само на дното. Вердер Бремен и Шалке се во мртва трка за втората позиција, која води директно во лигата на шампионите. Двата тима на викендот триумфираа. Шалке против Ајнтрахт Франкфурт со 1:0, Вердер го декласираше Хановер со 6:1. Тренерот на Вердер, Томас Шаф е свесен дека неговиот тим кој во моментов е на втората позиција со два бода предност пред Шалке, е во подобра позиција:

„ На последниот натпревар беше воочливо дека имаме јасна цел. Се надевам дека наредната сабота тоа ќе можеме да го постигнеме“.

Вердер во последното коло ќе игра против Баер Леверкузен, Шалке против Нирнберг. На излез во Европа се надева и Волфсбург, кој во директниот дуел со конкурентот за место во купот на УЕФА, Штутгарт, славеше со 4:0.

Келн и Борусија Менхенгладбах се враќаат во првата лига

Претпоследниот фудбалски викенд во Германија донесе возбудувања и во втората лига. На едно коло пред крајот познати се првите два тима кои се враќаат во елитата, Борусија Менхенгладбах и Келн. Тимот на Кристоф Даум за кој настапува и македонскиот интернационалец Александар Митревски со вчерашната победа против директниот конкурент Мајнц, од 2:0 по две години повторно се враќа во елитата:

„ Најважно е што остваривме нешто за што никој пред неколку недели не мислеше дека е невозможно и тоа го постигнавме со сопствена сила“, изјави тренерот на Келн. Радосен беше и напаѓачот Патрик Хелмес:

„ Заслужено победивме со двата гола на Рода Антар, со што на домаше терен се` разјаснивме. Нема ништо подобро„

На едно коло пред крајот Келн има пет бодови предност пред четвртопласираниот Мајнц, кој по нерешените 1:1 на Хофнхајм, сеуште гледа надеж за освојување на третата позиција. Тренерот на Мајнц, Јирген Клоп, по поразот во Келн изјави:

„ Најпрвин честитки за победата на Келн. За нас овој натпревар беше многу несреќен“, изјави Клоп.