1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

030509 Bundesliga-Zusf. 30. Spieltag

4 мај 2009

Во фудбалското првенство на Германија останува неизвесноста, како во однос на борбата за врвот на табелата, така и на дното.

https://p.dw.com/p/HjPC
Волфсбург со победа се зацврсти на табелатаФотографија: AP

Од исходот на дербито на колото најзадоволен е водечкиот тим - Хамбургер и Херта ги поделија бодовите играјќи 1 спрема 1, па сега Волфсбург го има само Бајерн зад петиците.

Раното водство на Хамбургер, уште во осмата минута, не значеше и вовед во посакуваната победа - еден силен и прецизен удар од далеку во второто полувреме и’ донесе бод на Херта. Домаќинот смета дека беше поблиску до победата: „Мислам дека со малку среќа можевме да победиме и со 3 спрема 1, но Херта е како и ние - многу рационална, постигнува голови во вистинскиот момент и се обидува да не му остави простор на противникот, што многу добро и го правеа“, призна Мартин Јол, тренер на Хамбургер.

Fußball Bundesliga Hamburger SV - Hertha BSC Berlin
Хамбургер и Херта играа нерешеноФотографија: AP

Со ваквиот исход обете екипи загубија чекор во потерата по водечкиот Волфсбург, дотолку повеќе што лидерот го испрати гостинот Хофенхајм со 4 голови во мрежата. Во зборовите на тренерот Феликс Магат за прв пат се препознава навестување дека титулата е на дофат: „Според мене, нашата програма до крајот е слична како и на Бајерн. Но, ние имаме три бода предност, водечки сме на табелата и сите морат да чекаат на наш кикс, инаку никој не може да не помине“.

Спроти средбата многу реакции предизвика најавата дека Магат во наредната сезона ќе се пресели во Шалке, каде треба да биде и тренер и менаџер, токму како и во Волфсбург. Наводно, со неговиот сегашен тим не се договориле околу финансиските услови за да ја продолжи извонредно успешната работа со Волфсбург.

Победа без сјај

Fußball Bundeliga FC Bayern München - Borussia Mönchengladbach
Победа на Бајерн, иако настапот не беше суверенФотографија: AP

Бајерн со привремениот тренер Јуп Хајнкес ја постигна планираната победа против Борусија Менхенгладбах, која грчевито се бори за опстанок, но резултатот од 2 спрема 1 сведочи дека ова не беше суверен настап на рекордерот според шампионските титули. „Мислам дека за секој тренер е тешко во четири недели нешто темелно да промени. Тимот неделава добро работеше - тоа се виде во првото полувреме, кога имаше многу движење и беше демонстриран глем играчки потенцијал. Но, има многу работи што треба да се направат и да се подобрат“, оцени Јуп Хајнкес.

Волфсбург на четири кола до крајот на првенството има 60 бодови, Бајерн 57, Херта 56, Штутгарт и Хамбургер по 55. Штутгарт имаше шанса да остане во трката за титулата, но по серија од пет последовни победи во Билефелд одигра само 2 спрема 2 со домашната Арминија. И овде резултатот, всушност, не му одговара на ниеден од противниците, оти Арминија останува во кругот на најзагрозените. „Мислам дека екипата покажа неверојатен морал - не само денеска, туку во последните недели и месеци. Мислам дека ќе биде тесно до самиот крај. Но, гледачите можат да сметаат на тоа дека тимот ќе продолжи и понатаму вака да маршира и ќе даде се’ од себе“, вети Михаел Фронцек, тренер на Арминија.

За неговата екипа ситуацијата во борбата за опстанок не се промени позначајно, по нерешениот резултат 1 спрема 1 во меѓусебниот дуел на директните конкуренти Карслруер и Енерги Котбус, и поразот на Бохум пред своите навивачи од Хановер со 2 спрема 0. Карлсруер остана на последното место со 23 бодови, Борусија Менхенгладбах има 24, Арминија 26, Енерги 27, Бохум 28. Две од овие екипи ќе се преселат во Втората лига, една ќе добие шанса во поправен испит против третопласираниот од Втората лига сепак да го задржи прволигашкиот статус.

Тренерот на Борусија Дортунд задоволен

На европската сцена преку Купот на УЕФА место веројатно ќе си обезбеди Борусија Дортмунд, која по победата над Ајнтрахт во Франкфурт со 2 спрема 0 им се доближи на само 3 бода разлика на Штутгарт и Хамбургер.

Fußball Bundesliga Frankfurt Dortmund
Јирген КлопФотографија: AP

Тренерот Јирген Клоп ги имаше сите причини да биде задоволен: „Со резултатот сме многу задоволни, како и со голем дел од играта. Останавме стрпливи и желни, за што бевме и наградени. Момците сакаа безусловно да победат и мислам дека успехот не е незаслужен“. Шалке заостана три бода зад Борусија, бидејќи дома е поразен од Бајер Леверкузен со 2 спрема 1, и сега има 49 бодови. Бајер на осмото и Хофенхајм на деветтото место имаат по 45 бодови. Вердер е дестти со 39.

Келн конечно ги зарадува своите навивачи со победата против Вердер со 1 спрема 0, по серија од четири порази едноподруго. „Денеска ова беше натпревар во кој за сите, не само за тимот, во прашање беше повеќе отколку само трите бода. Публиката стоеше зад нас како бедем, не‘ поддржуваше, како впрочем и на другите натпревари, и токму тоа е посебноста на овој клуб“, вели тренерот Кристоф Даум.

Келн има 35 бодови Колку и Хановер зад него. Ајнтрахт на 13 место има 32 бода. Во наредното коло дерби е средбата меѓу Штутгарт и Волфсбург, можеби пресудна во борбата за шампионската титула.

Од другите настани: Хокеј и тенис

Германската репрезентација во хокеј на мраз го доживеа и петтиот пораз во петтиот настап на светското првенство во Швајцарија. Овој е посебно болен, иако е резултатски минимален - 1 спрема 0, но е прв пораз на Германија од Австрија на светските првенства за последните 75 години! „Годинава е кошмарна, ништо не ни оди, посебно имаме проблеми со постигнувањето голови и тоа е клучнииот момент“ вели репрезентативецот Даниел Кројцер.

Со ваков биланс за Германија нема место во светската елита, но ќе остане таму благодарение на фактот дека е домаќин на светското првенство наредната година.

Rafael Nadal im Semifinale in Wimbledon
Рафаел НадалФотографија: AP

Рафаел Надал е победник на тенискиот мастерс-турнир во Рим, каде во финалето го совлада Србинот Новак Ѓоковиќ со 2 спрема 0 во сетови. „Имав две можности првиот сет да го освојам порано, но имав подобри нерви во тај-брејкот. Потоа одиграв добра партија“, оцени Надал. За светскиот рекет број еден ова е трет освоен турнир во последните три недели. Надал покажа дека е главен фаворит и за претстојниот грен-слем турнир Ролан Гарос во Париз, што ќе се одржи кон крајот на месецов, и, како и мастерсот во Рим, се игра на земјена подлога.


Автор: Клаудија Хенен / Зоран Јордановски

Редактор: Александра Трајковска