1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Водата за пиење – потенцијал за конфликти

15 март 2006

Во Мексико започнува Чевртата светска конференција за водите што ќе трае до 22 март, Денот на водата. Во изминатите сто години поради експлозијата на светското население, употребата на водата се зголеми за 14 пати.

https://p.dw.com/p/Ae3I
За едни секојдневје, за други „мислена именка„!
За едни секојдневје, за други „мислена именка„!Фотографија: bilderbox

Експертите сметаат дека веќе денес една петина од светското население нема пристап до чиста вода за пиење, а тенденцијата расте. Последица: годишно милиони луѓе умираат од загадена вода. За да го привлечат вниманието кон овој проблем, Обединетите нации на меѓународниот ден на водата 22 март, ќе го објават вториот извештај за водата.

Ако некој во Германија сака вода, едноствано ја врти славината. Или ја купува во супер-маркет, без воопшто да размислува. Секој Германец во просек троши 120 литри вода дневно. Во споредба со трошењето во САД, ова е релативно малку. Американците трошат дневно 400 литри пер капита. Во некои подрачја на Африка со ова количество може да се опстане два месеца. Но, тоа не е единствениот проблем: во водата за пиење демнат болести како колера или тифус. За ова Манфред Конукиевиц од министерсвото за економска соработка и развој:

„Главниот проблем е во тоа што водата што ја имаат на располагање многу од сиромашните во земјите во развој е полна со бацили што носат болести. Дневно во светот умираат 6 илјади деца од болести предизвикани од нечиста вода. Затоа водата е основно средство за живот. Неопходна е да се преживее и за многу луѓе има и големо емотивно значење„.

Глобално гледано вода има доволно. Меѓутоа, само 2 процента од тоа се извори на слатка вода во која можат да уживаат луѓето. Новите технологии дозволуваат во меѓувреме и солената вода да биде употреблива за луѓето. Но, тоа можат да си го дозволат само богатите држави како Саудиска Арабија или државите од Персискиот залив. Посиромашните остануваат со куси ракави. Последицата се конфликтит поради недоволните извори вода:

„Тоа значи дека е можен спор меѓу владите или државите. Ако само помислиме на Блискиот исток – Палестина – Израел, веќе постои жесток спор; Турција – Ирак околу реките Еуфрат и Тигар, веќе има голем спор. Но, жестоки конфликти има и внатре во државите. Ако погледнеме кон африканските држави, на пример во Источна Африка каде што водата скоро ја нема, таму има дневни битки меѓу племињата, битки за земја,а во заднината секогаш недостигот од вода или пристап до неа„.

Научните истражувања покажуваат дека досега немало судири меѓу држави што биле водени исклучиво за вода. Во веќе постојните судири водата е само дополнителен конфликтен потенцијал, на пример кога намерно се пренасочува. Кон сето тоа и засилената промена на климата. Дали водата е нафтата на иднината? За ова Ларс Виркус, експерт за води од бонскиот меѓународен центар за конверзија:

„Потенцијалот за конфликт е тука, но не би ја оценил водата како нова нафта зашто нема такво економско значење. Со неа не се тргува на берзите и со тоа не можат да се заработат толку пари. Но, постои потенцијал за конфликти и тоа е предизвикот за наредните години: да се развијат концепти за да се спречат можни судири„.