1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владина криза во Македонија?

11 март 2008

Коалициониот партнер ДПА се заканува со напуштање на владата ако премиерот Никола Груевски не ги исполни нејзините барања

https://p.dw.com/p/DMSX
Груевски пред тешки одлукиФотографија: MIA

ДПА најавува излегување од македонската влада доколку премиерот не прифати шест нејзини барања како приоритетни: итно признавање на Косово, ресоцијализација на екс припадниците на ОНА, официјален албански јазик на цела територија на земјата и во сите институции, паралелно истакнување на македонското и албанското знаме во сите средини но и на граничните премини, поголем прием на Албанците во централната администрација, како и затворање на четирите хашки предмети што неодамна беа вратени во Македонија.

Ниту по две лични средби, премиерот Груевски и лидер на ВМРО ДПМНЕ не ги прифатил ултимативните барања на ДПА. Дали нејзиниот лидер Мендух Тачи ќе ги оствари заканите и ќе предизвика владина криза, ќе се знае најверојатно до крајот на неделата по заседанието на партискиот врв на ДПА. Најновите бранувања во тројната владина коалиција само го продлабочија јазот меѓу Груевски, Тачи и Петковски. Последниот, лидерот на НСДП е незадоволен од последниот упад што ВМРО ДПМНЕ го прави со преземањето на двајца нејзини пратеници и истовремено преминот на целата охридска организација на НСДП во редовите на ВМРО ДПМНЕ.

Време на искушенија?

Но, во време на клучни преговори околу името со Грција, премиерот Груевски како и самиот да иницира владина криза, одбегнувајќи ја можната парламентарна и политичка одлука спорот со Грција да се надмине со компромисна формула, која најверојатно ќе стигне преку Стејт Департментот.

Веќе четврт месец не се пополнети двете испразнети места откако министрите за економија и локална самоуправа поднесоа оставка.

Истовремено, во време на владината криза премиерот не ги форсира и двете незатворени прашања од неговиот Mајски договор со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, а тоа се законот за албански јазик и закон за социјалните права на екс припадниците на ОНА, на што пак Брисел особено инсистира. Во вакви услови на владина криза и можен меѓународен притисок околу името и признавањето на Косово, не е исклучено премиерот Груевски да посакува побрзи предвремени избори со сите опасности да не се добие покана за членство во НАТО и да дојде до пропуштање на датумот за можен старт на преговорите за прием во ЕУ.