1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Владејат ли парите со демократијата?

Клаудија Менге/Симе Недевски20 јануари 2013

Кои се недостатоците на демокатијата? На тоа прашање одговори бара серијата манифестации „Мапинг Демокраси“. Така во Минхен се слушнаа и гласови на уметници и научници од Лондон и Пекинг - сите имаат слични забелешки.

https://p.dw.com/p/17MnP
Фотографија: Münchener Kammerspiele / Judith Buss

„Најголем роб е оној кој верува дека е слободен, а всушност тоа не е.“ Овие зборови на Волфганг Гете укажуваат на заробеништвото на луѓето во модерните економски системи кои се „демократски“. Навистина, сите Европејци денес имаат право на глас и главно слобода на мислење, но речиси сите се подредени на финансиските магнати и банкарските системи. Дали демократијата умира онаму каде што цути капитализмот?
Аксел Хонет е професор по филозофија од Франкфурт. Тој смета дека луѓето оправдано се прашуваат кој управува со нивните држави- политичарите кои добиле мандат со волјата на народот или господарите на парите. „Доминира чувството дека политичките актери, владата и парламнтот имаат минијатурен простор за маневр и одлуки, така што на крајот многу и не е важно за кого гласале граѓаните“, вели Хонет за ДВ. Тој додава дека политичките цели брзо се разбиваат од границите кои ги поставил големиот капитал.

Mapping Democracy in den Münchener Kammerspielen
Фотографија: Münchener Kammerspiele / Judith Buss

Коализија на пазарот и демократијата

Официјалната власт се’ поретко се сфаќа како инструмент кој треба да го спроведува она што го сакаат граѓаните. Наместо тоа, посебно во текот на кризата на еврото, низ целиот континент важи девизата: Демократијата мора да му се подреди на пазарот. „Коализија помеѓу демократските принципи и начела на слободниот пазар имало од секогаш“, наведува Хонет, „Но во моментов  вагата опасно се навалува на страната на капитализмот на кој демократијата мора да му одстапи дел од моќта“. Би требало да биде всушност обратно, кажува овој професор- пазарот треба да и’ се подреди на демократијата.
Германскиот писател Инго Шулце има илустративен пример за овој загрижувачки развој- тој зборува за плановите на ЕУ да им го приватизира на граѓаните снабдувањето со вода. Шулце, кој е некој вид народен трибун, собрал околу милион потписи против приватизација на важни животни ресурси во Берлин. „Можно е да се искористат демократските институти како граѓанска иницијатива. Ми личи дека работиме премалку. Може да се постигне многу повеќе отколку што мислиме“, вели Шулце.

Кинескиот пат-  преку Партијата

Лу Ксианг Хуа се приклучи во расправата од Кина во живо, по пат на видео врска на голем екран. Овој професор по филозофија од Шангај ги разбира стравовите на Европејците. Тој верува во заеднички, глобални основи на демократијата. Ова уредување  се темели на основните човечки и граѓански права, но и на различните механизми и институции кои требат да го обезбедат спроведувањето на политичките желби на граѓаните. Додека основите на демократијата се постојани и универзални, дотогаш механизмите се подложни на варијации, истакнува професорот Лу. Кога е Кина во прашање, Лу објаснува дека граѓаните се заинтересирани да влијаат врз политичките решенија за да дојдат до делот на благосостојба кон кој тежнее целата држава. Решението е, смета Лу, во интензивното отворање на Комунистичката партија за граѓаните, а не борбата против Партијата.
На крајот на минхенската расправа останаа повеќе прашања отколку одговори. Како демократијата повторно да ги надмине интересите на капиталот? За тоа никој нема готова формула. Но дискусијата ќе продолжи и ќе се протегне се’ до Пекинг. Можеби е тоа најголемиот успех на „Мапинг Демокраси“- да ги доведе европските и кинеските стручњаци на иста маса, па дури и ако таа е виртуелна.

Demonstration England
Фотографија: AP