1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистински театар на железничка станица

24 јули 2009

Актери од шест европски земји, половина од нив членки на Европската унија, настапуваа во многубројни железнички станици низ континентот, промовирајќи интеграција.

https://p.dw.com/p/IvrH
Фотографија: DW / Cristian Stefanescu

Штутгарт беше последната дестинација на театарската одисеја која започна од главниот град на Турција, Анкара, а продолжи преку Романија, Србија, Хрватска, Словенија и Германија. Возовите од обични превозни средства се претворија во вистинска сцена. Во изминатите два месеца, шест театарски групи од шест земји направија турнеја на запад преставувајќи нови драми на железничките станици низ континентот. Според Кристијан Холцхауер, менаџер на проектот „Ориент експрес“, настапите на железнични станици најпрво биле лошо искуство за актерите, особено поради тоа што имале проби надвор, кога температурата била 40 степени и немало никакви сенки: „Нашиот прв ден на железничката станица во Анкара беше вистински шок за нас. Возовите пристигнуваа и поаѓаа, луѓето трчаа да влезат во возовите, се чувствувавме навистина изгубени и се прашувавме: Што правиме тука? Сакаме да си одиме дома и да настапуваме во нашите театри.“

Но шоуто мораше да продолжи. Шесте групи учеснички одиграа 40 претстави за околу 10 илјади луѓе за време на нивната двомесечна турнеја. Секој театар претстави нови драми кои се фокусираат на проблемите со миграцијата, идентитетот и потеклото, бидејќи Европската унија сака да ги сруши националните граници на стариот континент.

Од германска зајадлива комедија до турска мелодрама

На вечерта на свеченото отворање во Штутгарт во средината на јули, беше изведена претставата од германска продукција „80 дена и 80 ноќи“. Во приказната за возрасни се зборува за плишано мече и тигар, направени во Романија, кои бараат топол дом во Германија. На нивното патување се соочуваат со голем број предрасуди кои Европејците ги имаат едни за други: „корумпирани и насилни“ Словени, „мрзливи, кавгаџиски настроени“ Турци, Германци „без хумор и воркохолици“. Публиката се воодушеви на смешната пародија за предрасудите.

80 TAGE 80 NÄCHTE
Сцена од претставата „80 дена и 80 ноќи“Фотографија: Cecilia Gläsker

Колку преставата има потекло од што подалеку на исток, толку е порефлексивна и меланхолична. Помеѓу германската зајадлива комедија и турската мелодрама, фестивалот понуди возбудлива мешавина од дела на европските театри кои зборуваат за современата суштина на идентитетот на Европа. Претставата „Оркестарот на Титаник“ од Словенија се фокусира на бездомниците насекаде во светот. Романската „Западен експрес“ зборува за луѓето со секакви места на живеење: на железничка станица, проститутки, питачи, емигранти. Сите тие залудно го чекаат возот кој ќе ги однесе онаму каде што се исполнуваат соништата. Српскиот производ: „Како да" се концентрира на љубовната врска меѓу студент и студентка, од источна и од западна Европа. Двојката открива разлики кои ја попречуваат нивната врска. Хрватска пак, во „Седум денови во Загреб“ зборува за фрустрирани млади луѓе кои живеат на континент каде што патувањата, успехот и богатството се достапни за секого – барем на хартија. Сепак она што можеби звучи како рецепт за депресивна ноќ, беше зачинето со хумор и укажа на фактот дека и покрај актуелните проблеми, Европа има за цел што повеќе единство и интеграција.

Театарска лабораторија со експеримент за актерите и публиката

SIEBEN TAGE IN ZAGREB
Многумина за првпат се запознаа со театаротФотографија: Oliver Paul

Европската театарска конвенција, еден од главните спонзори на проектот, го опиша овој фестивал како „водечка театарска лабораторија“ – експеримент и за настапувачите и за публиката. Возот, повеќе од два месеца, беше и дом и работно место за актерите и режисерите. „Кога сте заедно во воз толку долго време, почнувате да разговарате за многу длабоки теми, отколку што тоа се случува на нормален фестивал. Не само што зборувате, туку и почнувате да имате разбирање еден за друг."

За претседателот на Европската театарска конвенција, Жан Клод Берути, најважниот аспект на овој експеримент беше што многумина за првпат се запознаа со театарот: „Беше мошне интересно да се види како луѓето реагираат кога ќе видат театар и актери на железничка станица. Ова беше одлично искуство и за мене и за публиката.“

Автор: Пеги Греам / Ана Алибегова

Редактор: Александра Трајковска