1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вистинска улична војна во Хамбург

СН/ам/дпа/афп22 декември 2013

Конфликтот околу културниот центар „Роте флора“ во Хамбург се заострува. На демонстрациите против затворањето на левичарскиот центар синоќа (21.12.2013), дојде со сериозни безредија, во кои се повредени 120 полицајци.

https://p.dw.com/p/1AelL
Фотографија: picture-alliance/dpa

Со камења и шишиња на полицајците, со пендреци и водени топови против демострантите: на протестите против затворањето на левичарскиот центар „Роте флора“ дојде до пресметка, каква што со години не е видена во Германија.

Полицијата успеа да ги растера демонстрантите, но конфликтите продолжија доцна во ноќта во населбата Санкт Паули. Од полицијата соопштуваат дека се повредени најмалку 120 полицајци, од кои 16 се хоспитализирани. Точниот број на повредени демонстранти не е соопштен.

Уапсени се 16 луѓе поради нарушување на јавниот ред и мир. Според оценките на полицијата, меѓу 7.300-те демонстранти околу 4.500 биле левичарски екстремисти. Полицијата сметала на можноста да дојде до немири, па на улиците испратила повеќе од 2.000 полицајци.

До првиот инцидент дошло попладнето, кусо по започнување на протестите, кога демонстрантите од т.н. „црн блок“ ја нападнале полицијата. Припадниците на силите за безбедност одлучиле да ја запрат протесната поворка и да употребат водени топови, и го сториле тоа.

Бевме жестоко нападнати“

Полицијата привремено ги задушила насилните протести. „Од самиот почеток владееше агресивно расположение, бевме жестоко нападнати. Таков тежок напад, веќе долго не сме доживеале“, вели портпаролот на полицијата Мирко Штрајбер.

Hamburg Ausschreitungen Proteste Kulturzentrum Rote Flora
Фотографија: picture-alliance/dpa

На еден драгстор, во кои се наоѓале неколку луѓе, е фрлано со камења, скршени се стаклата на една банка и запалени се повеќе контејнери.

Од друга страна, организаторите строго ја критикуваа „масовната употреба на гумени палки, солзавец и водени топови“, поради што многумина се повредени. Тие и’ префрлуваат на полицијата оти од самиот почеток имала намера да ја запре протесната поворка. Тоа претставува скандалозен обид зад чадот и водените топови да се прикрие политичкиот проблем со центарот „Роте флора“, како и проблемот со дозволите за престој на бегалците, се наведува во соопштението.

По задушувањето на протестите, демонстрантите во групи се упатиле кон централната улица „Репербан“ и ја продолжиле пресметката со полицијата, со тактика „мачка и глушец“. Во тие судири се скршени прозорците на канцеларијата на Социјалдемократската партија на Германија, како и две полициски возила. Поради судирите меѓу полицијата и членовите на екстремната левица е блокиран и сообраќајот, бидејќи демонстрантите ги блокирале шините на метрото и меѓуградските возови.