1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вилхелм и Грајс спортисти на годината, Вердер есенски шампион

Зоран Јордановски18 декември 2006

Екипа на годината е германската фудбалска репрезентација. Во Бундеслигата 4 екипи напролет во борба за титулата, половина од лигата во борба за опстанок

https://p.dw.com/p/Aeh3
Кати Вилхелм
Кати ВилхелмФотографија: AP

Тоа беа ѕвездените моменти на Кати Вилхелм, нејзиниот триумфален поход на зимската олимпијада во Торино: четврти олимписки медал, златен во биатлонската трка на хронометар. “Јас се надевав дека годинава ќе успеам и многу сум горда дека станав спортистка на годината” – рече синоќа Кати Вилхелм. Зад неа останаа четиркратната европска првенка во пливање Брита Штефен и олимписката првенка во санкање Зилке Ото.

Михаел Грајс беше најуспешен учесник на зимската олимпијада со три златни медали - третиот трофеј Грајс го освои со супериорен настап во штафетната трка на биатлонците. “Кога по крајот на кариерата ќе седам во столица за нишање и сосем опуштен ќе се навратам на неа, мислам дека дури тогаш ќе можам вистински да уживам” – изјави Грајс. Втор меѓу најдобрите во машка конкуренција е седмократниот светски првак во автомобилизам формула еден Михаел Шумахер, кој својата последна натпреварувачка сезона ја заврши како вицешампион. Трет во изборот е Мирослав Клозе, најдобар стрелец на светското фудбалско првенство.

“Светските прваци на срцата”, членовите на германската фудбалска репрезентација, за незаборавните моменти што им ги донесоа на Германците беа наградени со изборот за најдобра екипа на годината, иако на светското првенство на домашен терен не успеаја да ја освојат посакуваната титула светски првак, но стигнаа до третото место.

Втора меѓу најдобрите екипи е машката селекција во хокеј на трева, годинашен светски првак, трета е победничката олимписка машка штафета во биатлон. Трофејот на Мирослав Клозе му го предаде “фудбалскиот кајзер” Франц Бекенбауер, кој беше претседател на Организациониот комитет на првенството. “Конкуренцијата беше многу, многу силна. Во една година на светско фудбалско првенство во сопствената земја, фудбалот не може да биде одминат” – рече Бекенбауер.

Спортската гала-приредба на прогласување на најдобрите спортисти на Германија за 2006-та година се одржа синоќа во Баден-Баден.

Вердер есенски првак во Бундеслигата

Во Бремен имаат повеќе причини за славење: Клозе е фудбалерот и стрелецот на годината, а заедно со соиграчите и навивачите и’ се радува и на неофицијалната титула есенски првак во фудбалското првенство. Вердер се надева дека ќе се потврди традицијата од досегашните шампионати, според која во 30 од вкупно 43 случаи првиот по есенскиот дел бил прв и на крајот. Билансот на Вердер е импресивен, иако има ист број бодови како и второпласираниот Шалке – 36, по ист број победи 11, по три нерешени средби и три порази. Но Вердер постигна 47, а прими 22 гола, додека гол-разликата на Шалке е 29 постигнати, 17 примени голови.

“Мислам дека во 2006-та година ние игравме далеку најубав фудбал и со право по првата половина на првенството сме најгоре на табелата” – рече играчот Кристијан Шулц по синоќешната победа на Вердер против Волфсбург со 2 спрема 1. “Не беше лесно да се игра, но сметам дека не ја загубивме ни смелоста, ниту мирот. Денеска тоа беше многу важно. Поради тоа – големи честитки на екипата за она што денеска го понуди, но сметам дека беше забележително и тоа што го постигна во целата полусезона” – оцени тренерот Томас Шааф. Првото место на полусезоната е само половина од планот, вели Кристијан Шулц: “Сакаме да бидеме прваци, тоа беше наша цел уште на почетокот на сезоната. Сакаме да се потрудиме да можеме да играме голема улога и во Купот на УЕФА”.

Во поразениот табор беа незадоволни од судењето. Тренерот Клаус Аугенталер тоа го искажа со следниве зборови: “Денеска беше многу тешко да се игра не само против 11-мина од Вердер, туку имаше уште еден на теренот кој го даде и својот удел. Многу е спорно како тој досудува пенали – и денеска за Бремен. Пер Мертезакер против Боаќе – тоа беше боречки зафат, но денеска беше мерено со двоен аршин”.

Шалке во саботата во Билефелд ја победи домашната Арминија со 1 спрема 0 и 24 часови беше на првото место, во очекување на евентуаелн кикс на Вердер, кој сепак изостана. Во Гелзенкирхен можат да бидат повеќе од задоволни од постигнатото во изминатите 17 кола, иако крајот сепак не испадна како круна што ќе го краси делото: “Играта денеска не беше посебно убава за гледање, малку имаше сцени пред головите, малку возбудливи ситуации. Играта беше под знакот на тактичките задачи” – оцени тренерот на Шалке Мирко Сломка.

Домаќините сметаат дека заслужија барем бод: “Навистина е горко, оти самопожртвувано се боревме, изработивме шанси, но топката не сакаше да влезе во голот. На крајот мораше да стои барем нула спрема нула. Но, и покрај се’, имаме 22 бода и со тоа сме веќе задоволни” – вели играчот на Арминија Бернд Корцињец.

Впечатлив настап на крајот од есенскиот дел имаа фудбалерите на Баерн – во Мајнц триумфираа со 4 спрема 0 и се изборија за третата позиција на табелата, откако Штутгарт на гостувањето кај Енерги во Котбус одигра само 0 спрема 0. Сега Баерн има три бодови помалку од водечката двојка, еден повеќе од Штутгарт и добри изгледи да ја одбрани шампионската титула.

Победата во Берлин со 1 спрема 0 против Ајтрахт Франкфурт на Херта и’ го обезбеди петтото место на табелата со 27 бодови – пет помалку од Штутгарт. Петтата позиција носи и учество во Купот на УЕФА.

Сега за тоа место конкурира и Баер Леверкузен. Во дербито во Дортмунд Баер ја совлада Борусија со 2 спрема 1, претходно сред недела се избори и за настап во понатамошните натпревари на годинашниот Куп на УЕФА. “Тоа беа добри недели, посебно последната беше добра за нас и јас сум многу задоволен дека во меѓувреме сме во еден дел на табелата во кој многу порадо се гледаме, отколку каде што бевме пред три недели” – прокоментира тренерот на Баер Михаел Скибе.

Неговиот колега од противничкиот табор Бернд ван Марвајк мора да страхува за работното место, иако претходно беше најавено дека до разделба ќе дојде на крајот од првенството. Но, по поразот од конкурентот од Леверкузен имаше лути скандирања и свирежи против тимот и тренерот. “Атмосферата во моментов не и’ помага на екипата, поради тоа и бевме толку несигурни. Всушност, комплимент за тимот е дека во второто полувреме фати чекор, оти ја навивачите не го подржуваа играчите” – рече ван Марвајк.

Борусија Дортмунд на 9-тото место има 22 бода, колку и Арминија на осмото. Седмопласираниот Нирнберг, кој дома го совлада Хановер со 3 спрема 1, има бод повеќе. Нирнберг само два пати есенва ја почувствува горчината на поразот – најмалку од сите прволигаши, и дури 11 пати одигра нерешено – повеќе од било кој друг тим во Бундеслигата.

Десетопласрираниот Ајнтрахт и Хановер зад него, обата тима со по 20 бодови, ја предводат долната половина на табелата, во која ниедна екипа не може мирно да го чека пролетниот дел. Волфсбург и Алеманија Ахен имаат по 19, Бохум со победата над Борусија Манхенгладбах со 2 спрема 0 направи скок на 14-тото место со 18 бодови, Енерги има 17.

Многу драматично беше во Ахен: Хамбургер водеше со 3 спрема 1, но ни тоа не беше доволно за повеќе од реми 3 спрема 3. Притоа, толку желно посакуваната победа е испуштена со автогол на Рајнхард во последната минута! Завршница токму во стилот на настапите од целата полусезона. Какви консеквенции ќе бидат извлечени ќе се дознае деновиве, се чини дека судбината на тренерот Томас Дол е повеќе од неизвесна. Неизвесна е, се разбира, и прволигашката судбина на Хамбургер: претпоследен е со два бода повеќе од Мајнц и два помалку од Борусија Менхенгладбах, која е едно место пред него.

Кој ќе биде фудбалер на 2006 во светот во избор на ФИФА?

Денеска во Цирих ќе биде прогласен најдобриот фудбалер на светот за 2006-та година. Кандидати се двократниот носител на тоа признание, Бразилецот Роналдињо, најдобриот европски фудбалер, Италијанецот Канаваро и најдобриот играч на светското првенство, Французинот Зидан.

Трета европска титула за ракометарките на Норвешка

Ракометарките на Норвешка ја освоија третата титула европски првенки, по победата во финалето на првенството во Шведска против светскиот првак Русија со 27 спрема 24. Германија во борба за третото место е поразена од Франција со 33 спрема 29. Македонија, домаќин на наредното европско првенство во декември 2008-ма година, го освои 12-тото место во конкуренција на 16 селекции.