1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Викторија Абрил: Во Македонија како да сонувам будна

Сузана Тодоровска-Павлоска28 април 2012

Во Скопје се одржа македонската премиера на филмот „Жената што си ги избриша солзите“. Пред публиката се поклони големата филмска ѕвезда Викторија Абрил. Во интервју за ДВ таа зборува за филот, животот и Македонија.

https://p.dw.com/p/14mNl
Фотографија: DW/Suzana Todorovska-Pavloska

Од 2009 година кога првпат дојде во Македонија на фестивалот на филмската камера „Браќа Манаки“, па повторно за снимањето на филмот до денес, „веќе се чувствувам како дома“, вели Абрил.

„Имав можност да видам дел од Македонија. Ова е многу ’природна’ земја и во еден дел е слична на мојата Андалузија. Можеби затоа некако се чувствувам како дома! Доаѓањето во Македонија секогаш ми е како да сум скокнала во некоја временска машина и како да сонувам будна“!

Ликот на Хелена од овој филм е персонификација на модерната европска жена. „Жена која не оди низ животот, туку плови носена од струјата, а приказната е за луѓето кои им се спротиставуваат на општествените стеги со цел да се ослободат себеси“, вели сценаристката и режисерка Теона Митевска. Како ја креиравте оваа комплексна улога? Требаше многу да „копате“ во себе ?

Berlinale 2012 Mazedonisch
Викторија Абрил со колегите од филмот „Жената што си ги избриша солзите“ на Берлинале 2012Фотографија: DW

„Со ликот на Хелена во филмот немам ништо заедничко освен тоа дека и двете сме- жени. Всушност, таа доживува огромна трагедија. Според мене, овој филм има два дела: првиот- во кој за ликот бев инспирирана од сликата ’Врисок’ на Едвард Мунк. Си мислев, што ли видел ликот за да има таква експресија? Таа слика ми помогна да ја визуелизирам трагедијата на оваа жена. Во вториот дел- таа не е обична жена туку ’Матер Долороса’; ја ’раскинуваат’ вината и длабоката болка. Инспирација ми беа византиските икони на Богородица во македонските цркви. Тука можете да ја видите целата експресија па, јас се обидов да бидам тоа…“.

Пред три години на фестивалот „Браќа Манаки“ во Битола, изјавивте дека соработката со еден режисер е како фламенко- еден ритам и двајца еден спроти друг. Работата со секој режисер е различна и комплетно нова. Ова Ви е прва улога во македонски филм, со македонски режисер, локации и екипа. Што носите во себе од сето ова, како спомен од Македонија?

„Луѓето, живописните предели на Македонија, богатството од бои  - како магија! Кога требаше да дојдам во Македонија по првпат, реков дека ќе дојдам на еден ден, а останав цела недела! Сретнувајќи ги луѓето кои живеат во внатрешноста на земјата имав чувство дека сум во некој друг век, друго време. Тоа е еден од моите сувенири од Македонија. Тука се мешаат времињата во прекрасните предели. А, знаете и дека ’Жената…’ го снимаше не само македонска екипа туку екипа составена од петнаесет националности од Европа, различни култури, јазици и сите работевме во една совршена ’осмоза’! Јас сум од Шпанија, живеам во Франција, но работам низ Европа и се чувствувам како дома. И овојпат, тука, тоа многу силно го почувствував“.

Времето кога работевте со Педро Алмодовар велите дека ќе го паметите како еден од најинтензивните периоди во Вашиот живот. Направивте три филма за пет години („Врзи ме горе! Врзи ме долу!“ во 1990, „Високи потпетици“ во 1991 и „Кика“ во 1993). Бевте неговата муза. И публиката ве памети по нив, затоа што тие Ве лансираа на светската филмска сцена. Еднаш рековте дека тој е визионер. „Тој е возачот, а вие мора да бидете Ферари“! Тоа Ви беше предизвик?

Flash-Galerie Schuhe an berühmten Persönlichkeiten
Фотографија: Almodóvar

„Со Педро Алмодовар се ’заведувавме’ еден со друг во 80-тите години. Од првиот филм во 1989, до последниот во 1995. Промовирање на три филма за пет години низ светот- затоа тоа е многу интензивен период. А Педро Алмодовар е автор. Исклучително оригинален“.

Што е пресудно за да ја прифатите улогата во еден филм?

„Најважна е приказната, а потоа и режисерот и актерите“.

Снимивте 100-тина филмови – во Европа и во Америка, имавте многу номинации за наградите „Гоја“, „Златна мечка“ во Берлин и други. Секој филм е дел од Вашето минато. И 14-те филмови снимени со Висенте Аранда кој Ве „откри“... Од него најмногу учевте за актерството и животот?

„Со Аранда првпат снимав кога имав 14 години, а последниот- кога наполнив 44 години. Во текот на сите овие години тој беше мојот учител, татко, режисер, пријател, инспирација. 14 филмови за 30 години значи верност за цел живот. Аранда со мене беше во секој период од мојот живот: во детството, младоста, созревањето“.

Знам дека најмногу сакате да бидете „меѓу луѓе“. И со музиката. „Тешко е да кажам ’те сакам’, но тоа можам да го испејам“- велите. Детството во Андалузија, младоста во Париз. Изгледа дека во музиката ја наоѓате енергијата и личната внатрешна рамнотежа?

„Сакам мојата музика да ја споделувам со луѓето. Музиката е есперанто- секој ја разбира. Мојот прв албум беше отпеан на португалски, бразилски, ’Боса нова’. Вториот, во 2008 беше ’О-ла-ла’- француски, во ритам на фламенко, а најновиот ќе биде со мои песни во стилот на електронската музика. Со двата албуми можев да ги почуствувам луѓето и нивната енергија. Кога пејам- добро се чувствувам…“.