1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Викенд пинг-понг партија на обвинувања меѓу власта и опозицијата

СН/жа/миа26 јануари 2014

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ и опозициската СДСМ и денеска повторно разменија меѓусебни обвинувања во чиј фокус се најдоа фирмите на лидерот на СДСМ, Зоран Заев и генералниот секретар на Владата, Кирил Божиновски.

https://p.dw.com/p/1AxSl
Фотографија: picture-alliance/dpa

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ тврди дека фирмите на Заеви, само во 2012. година оствариле заработувачка, нето оданочен приход од 2 милиони евра. Со тоа, според ВМРО-ДПМНЕ, се покажале како неточни тврдењата на лидерот на СДСМ и градоначалник на Струмица Зоран Заев дека фирмите работат со загуба.

„Сакајќи да го скрие богатството и комодитетот на кланот Заеви, Зоран Заев на новинарско прашање одговори дека фирмите на неговото семејство и неговите партнери работеле со загуба. Но, реалноста е друга. Во 2012. година фирмите на кланот Заеви во кои сопственици се таткото, чичкото, братот, братучедите и други бизнис партнери на Зоран Заев оствариле нето добивка преку своите фирми од 121.642.000,00 денари или 2 милиони евра“, рече денеска на прес-конференција Даниела Рангелова од ВМРО-ДПМНЕ.

Според неа, тука се вбројуваат скоро сите фирми на семејството Заеви.

„Господине Заев, доколку 2 милиони евра за вас претставуваат загуба, колку ли треба да заработат вашите фирми за да се задоволат вашите апетити? Како тоа вашите фирми работат со загуба кога и самите изјавивте дека семејството Заеви е богато семејство?“, праша Рангелова.

Портпаролот на опозициската партија СДСМ Петре Шилегов денеска изнесе тврдења дека Кирил Божиновски, генерален секретар на Владата, во анкетниот лист за имотната состојба не пријавил стан на име на неговата мајка, во зграда на улицата „Димче Мирчев“, број 20 во центарот на Скопје.

Според Шилегов, во анкетниот лист достапен на интернет, генералниот секретар на владата, Кирил Божиновски, пријавил: стан од 89 м2 во Скопје од 1989. година, земјоделско земјиште во Злокуќани, автомобил од 1997. година, куќа од 34 м2 во Скопје, од 2011. година, сето тоа имот на родители. И уште 180.000 денари сопствен имот од продажба на половен автомобил.

„Но, Кирил Божиновски, во овој анкетен лист сокрил друг стан од 89 метри квадратни, кој се води на име на неговата мајка, Василка Божиновска, со пазарна вредност од околу 120.000 евра“, наведе Шилегов.