1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Виетнамско семејство се враќа во Германија

31 јануари 2012

По неколкугодишен спор, семејството Нгујен е депортирано од Германија во ноември 2011. По големиот притисок од црковни и граѓански здруженија, одлуката беше сменета. Денеска (31.01) семејството Нгујен се враќа дома.

https://p.dw.com/p/13tBL
Семејството НгујенФотографија: picture-alliance/dpa

Во три часот наутро полицијата упадна во станот на семејството Нгујен во малото градче Хоја во Долна Саксонија. Родителите и две малолетни деца беа одведени на аеродромот во Франкфурт. Оттаму, со авион, беа депортирани во Виетнам. Во земјата остана само 20-годишната ќерка Нгок Лан Нгујен, која претходно имала добиено дозвола за ограничен престој.

На депортацијата и‘ претходеше повеќегодишна правна битка. Сите барања за азил, тужби и петиции беа одбиени. Портпаролот на надлежниот округ Торстен Решке тврди дека во депортацијата немало ништо незаконско.

„Во ниту еден момент семејството не доби дозвола да остане“, вели тој.

Право и правда

Од правна гледна точка, целиот случај е чист. Господинот Нгујен бил префрлен во 1992 година во Германија од страна на шверцерска група. Потоа и неговата сопруга и ќерката пристигнале во земјата по нелегален пат, како што објаснува за ДВ, портпаролот на министерството за внатрешни работи на Долна Саксонија, Вера Вухерфенинг.

Vietnamesischer Familie fehlen Pässe für Rückkehr
Семејството пред заминувањето од ГерманијаФотографија: picture-alliance/dpa

Но правната димензија на случајот не ја надминува човечката. Семејството Нгујен веќе 19 години живеело во Германија. Биле целосно интегрирани. Таткото веќе осум години имал постојана работа. Во ниту еден момент семејството не користело социјална помош. Сите членови на семејството говорат германски јазик. Две од трите деца се родени во Германија. И најстарата ќерка, на која и‘ беше дозволено да остане во земјата, има постојана работа.

„Семејството Нгујен го стори сето она што ние го очекуваме од луѓето кои тука бараат азил. И откако сторија се’, потоа беа депортирани. Тоа е тешко разбирливо“, вели Ренате Паул, претседател на црковниот совет во Хоја, кој веќе шест години го поддржува семејството Нгујен.

„Правото и правдата, според мене, во овој случај се далеку едно од друго“, вели Паул.

Комисии за вонредни случаи

Во Германија, за случаи како овој на семејството Нгујен, постојат т.н. вонредни комсиии, кои имаат задача да пронајдат некаква „златна средина“ меѓу строгото слово на законот и чувството за праведност. Тие комисии се составени од политичари, но и од црковни и невладини претставници. Тие даваат препорака која потоа се разгледува од највисоките покраински органи. Иако семејството Нгујен ги исполнувало сите критериуми да добие дозвола за престој, пресудна била фалсификуваната патна исправа на таткото која ја користел при влезот во земјата, што претставува кривично дело. Оттука, по одлуката на комисијата и на покраинскиот парламент, министерот за внатрешни работи Уве Шунеман вели дека немал друг избор освен да нареди депортација.

Но, по депортацијата на семејството во Виетнам доаѓа до пресврт. Црковните и граѓанските здруженија во Долна Саксонија протестираат, а министерот Шунеман ја промени својата одлука. На семејството му е дозволено да се врати во земјата. Нивното враќање се очекува денеска (31.01.2012). Овојпат, тие ќе добијат тригодишни визи за престој од хуманитарни причини. Дали потоа ќе следува и дозвола за неограничен престој се‘уште е отворено прашање. Но, Ренате Паул од црковната заедница во Хоја е задоволна.

„Мислам дека се покажа оти борбата се исплаќа“.

Автор: Родион Ебигхаузен/Борис Георгиевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска