1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

--

8 јануари 2012

Виена е позната по нејзината опера или кралицата Сиси. Меѓутоа, покрај секоја знаменитост се наоѓа и по едно кафуле. Што е тоа по што се познати виенските кафетерии кај туристите и домашните гости?

https://p.dw.com/p/13TYB
Замокот Белведере во ВиенаФотографија: AP

Кафулето Моцарт од 1794 година е главен белег на големата метропола, исто како и местата Централ и Хавелка, каде се среќаваат уметниците од градот. „Моцарт“, инаку омиленото кафуле на австирскиот писател Томас Бернард, е познато по тортата „Захер“. Во непосредна близина на театарот Бург се наоѓа, пак, најголемото кафуле во градот „Ландтман“, кое потекнува уште од 1873 година. Кафулето со историски амбиент нуди места за 300 гости и е многу ценето и омилено место како за домашните, така и за туристите од целиот свет. „Кога седите овде се чувствувате дека се наоѓате 100 или 150 години назад во времето“, вели една гостинка.

„Одењето во кафуле кај нас има традиција. Многу е удобно, едноставно имаме навика и убаво ни‘ е“, вели една друга гостинка.

Кафулето „Ландтман“ отсекогаш било магнет за уметниците. Едни од најпознатите јавни личности, како актерите Курд Јиргенс, Роми Шнајдер и Петер Устинов, биле редовни гости во Ландтман.

Wiener Kaffeehaus Wien Kaffee Tasse Kaffeetasse
Весникот, кафето и чашата вода се задолжителни во виенско кафулеФотографија: Creative Commons/Andreas Praefcke

Инаку, оваа кафетерија од УНЕСКО е прогласена за заштитено богатство. „Голема одговорност е кога ќе кажеме дека сакаме да си ја задржиме нашата традиција и истовремено да ја живееме. Значи, ќе ја продолжиме и ќе им ја доближиме и на гостите. Тоа е всушност е желбата на УНЕСКО“, објаснува сопственикот на кафулето Бернд Куерфелд.

Традиција и квалитет

Што точно е тоа што ги прави виенските кафулиња толку специфични тешко може да се каже. Во чест на УНЕСКО, клубот на виенските сопственици на кафулиња изготви и листа на критериуми. Она што не смее да недостасува во кафулињата се весници, голем избор на кафе, интимно светло, домашно направени торти и десерти, музика, чаша вода и типичен виенски келнер.

Виенските кафулиња се пред се’ удобни места за престој во кои гостите не треба да брзаат, туку да одвојат доволно време за уживање. И покрај целата традиција што сакаат да ја задржат, кафулињата сакаат да бидат и модерни. Како би можеле да изгледаат кафулињата на иднината покажуваат млади уметници во една т.н. дизајнерска лабораторија во Виенскиот музеј за применета уметност. Специјалистот за кафулиња и куратор на изложбата Грегор Ајхингер го даде поттикот за „големиот виенски експеримент со кафулиња„. „Кафетеријата е место каде жителите на градот можат да видат и да бидат видени. Затоа тоа место е направено толку пријатно и интересно, каде луѓето може да се концентрираат само на меѓусебната комуникација и информирањето или, пак, да размислува за нешто или да работат“, објаснува Ајхингер.

Wien Österreich Vienna on a shoestring
Винер меланж и штрудла со јаболко - вистински специјалитет во ВиенаФотографија: DW

Модерни виенски кафулиња

Така на пример, дизајнерите конструирале полици меѓу столовите и масите, кои можат да се отворат или затворат кон соседот во зависност од тоа дали сакате да зборувате со него или не. Освен тоа, има специјални кутии каде може да се стави мобилниот телефон за да не го оттргнува вниманието на другиот гостин.

Меѓутоа, конзумот на кафе расте, статусот на кафето расте и затоа се отвораат голем број кафулиња-синџири во градот.

Кафето во традиционалното кафуле „Ландтман“ е можеби малку поскапо и чини 4,7 евра, но, засега никој не се жали, бидејќи цените се слични и во кафулињата-синџири.

Автор: Шарлоте Раџивил / Бисера Огњановска Митров

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска