1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Видлив напредок во Грција

Панајотис Купаранис/ Симе Недевски18 октомври 2012

И покрај целата редица структурни проблеми, во Грција се случуваат промени на позитивно. Европската група за помош ја советува грчката влада и ги тестира нејзините способности за спроведување на натамошни реформи.

https://p.dw.com/p/16Qcf
Фотографија: dapd

Од пред повеќе од две години Грција беше обвинета дека не е во состојба да спроведе вистински промени. Во меѓувреме можат да се чујат и поинакви тонови. Германската канцеларка Ангела Меркел, една од најжестоките критичари на Грција, во меѓувреме потврди дека во земјата заробена од кризата постои како волја така и способност за позитивен развој.

Во тоа е убеден и Јенс Бастиан. Германскиот политички и економски експерт од септември 2011 година е член на работната група за помош која Еврокомисијата ја испрати во Грција. Задачата на групата се состои во тоа да ги советува грчките министерства и служби, како да работат поефикасно и да ја спроведат реформската програма на кредиторите од ЕУ и ММФ. Во периодот меѓу 2005 и 2009 година Бастијан беше главен економист во Агенцијта на ЕУ за обнова на Западен Балкан со седиште во Солун.

Поголема транспарентност за буџетот

Dr. Jens Bastian Stiftung Eliamep Griechenland Athen
Јенс Бастиан, германски политички и економски експертФотографија: privat

Волјата за промени Јенс Бастиан ја утврди пред се’ во буџетската политика. При сите тешкотии, кои и натаму постојат, преку реформите спроведени во изминатата година и половина, се успеа да се постави транспарентен грчки буџет: „За првпат имаме транспарентност и проток на информации, така што на самите служби може да им биде сосем јасно: Каква е динамиката на издатоци во буџетот? Кој дава што? Дали е тоа во ред? Дали при јавните набавки е постапено според соодветните закони?“

Кон структурните промени кои водат до нетранспарентност припаѓа и недостатокот од катастарска служба. Поради тоа државата не знае што се’ и припаѓа. Тоа и одлучувачката причина за тоа зошто не може да се напредува со продажбата на државниот имот.

Во врска со грчката криза беше многу известувано за тоа, дека грчките финансиски служби имаат проблеми во собирањето на даноците и оти политичарите во Атина покажуваат малку интерес за тоа да воспостават даночна праведност.

Борба против затајувањето данок

Во меѓувреме има значајни промени во врска со оваа тема, вели Јенс Бастиан. Атина преговара со Швајцарија за постигнување спогодба со која грчките затајувачи на данок ќе бидат принудени да го вратат она што и го должат на државата.

„Оваа спогодба само што не е склучена. Во врска со тоа се прави нешто, а позитивни сигнали пристигнуваат и од друга страна. Имено во меѓувреме утврдивме дека Грците го повлекуваат својот капитал од Швајцарија. Со оглед на спогодбата која наскоро ќе биде потпишана, тие сфаќаат дека мораат да дејствуваат“, вели германскиот член на работната група за Грција на Еврокомисијата.

Symbolbild Griechenland Steuerschuldner
Грција сака да го открие идентитетот на затајувачите на данокФотографија: picture-alliance/dpa

Јенс Бастиан гледа напредок и во областа на средствата која Грција ги добива од регионалните и структурни фондови на ЕУ. Од 20 милијарди евра, кои се определени за Грција за периодот од 2007 до 2013 година, осум милијарди се веќе исплатени. Преостанатите 12 милијарди во најголем дел веќе се испланирани за различни проекти. Во тоа придонесе помошта од работната група на ЕУ со која јасно беа дефинирани проектите и беа создадени неопходните управувачки структури за нив.

Овој процес на промени во Грција , според Јенс Бастиан остава впечаток и кај кредиторската „тројка“ составена од Еврокомисијата, ММФ и Европската Централна Банка. „ Самата ’тројка’ веќе многу се промени. Нејзините членови учат во од. Предупредувам на неа да не се гледа како на хомогена структура. Во изминатите недели стана многу јасно дека и во самата ’тројка’ постојат огромни разлики околу курсот и приоритетите за Грција“. Според Бастиан оваа дискусија во редовите на „тројката“ истотака е последица на промените во Грција, кои имено бараат нови одговори.