1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Видливи и невидливи затвори

Андреа Касиске/БГ20 септември 2012

Кинескиот автор во егзил Лиао Јиву организираше изложба во Берлин на која во центарот на вниманието се прашањата за човековите права и слободата на изразување во Кина

https://p.dw.com/p/167Bi
Фотографија: AP

Слики од Тибет, од времето на кинеската културна револуција. Сведоштва за насилството и уништувањето, со кои Мао се обидуваше да ја збрише илјада годишната традиција. Сега за првпат овие фотографии можат да се видат на Западот. Впечатлива сцена со кукли изработена од Лиу Шија, сопругата на затворениот добитник на Нобеловата награда за мир, Лиу Шијаобо, која и самата е во домашен притвор.

Приказни кои треба да исчезнат, како и уметници кои треба да се замолкнат, како писателот Лиао Јиву. Тој минал четири години в затвор, таму бил мачен, неговите книги се забранети, а ракописите му се уништени. Со оваа изложба тој сака да испрати политичка порака.

„Сакам да покажам каква е навистина состојбата во Кина. Уметниците се во опасност, нема слобода. Кога ги набљудувате нивните дела, треба истовремено да се прашате - зошто толку уметници страдаат под репресија. И, без оглед на економските интереси, треба да се прашате, колкава е вредноста на еден живот во Кина“, вели Лиао Јиву.

Видливи и невидливи затвори

Една од фотографиите потсетува на една од најголемите катастрофи кои се случиле во Кина. При пукањето на една брана во 1975 година, водата во смрт го одведе населението на цела една покраина. Колку луѓе притоа ги загубиле животите, до денес е државна тајна.

Liu Xiaobo
Лиу ШијаобоФотографија: picture alliance / dpa

Да се посведочи, да се потсети, тоа е целта на изложбата. Тоа го прави и уметникот Аи Веи Веи. Тој на жртвите им дава имиња: деца, кои ги загубиле животите при голем земјотрес во една полураспадната училишна зграда.