Вељановски уште еднаш и презакажа на опозицијата
25 февруари 2011Претседателот на македонското собранието Трајко Вељаноски уште еднаш, сега за в понеделник, ја одложи координативната средба бидејќи опозицијата не го прекина бојкотот. Првиот парламентарец повика да надвладее разумот и опозицијата да се врати во Собранието и да се распишат предвремени избори.
Тој најави дека во понеделник ќе биде отворено и прашањето за избор на нов претседател на Државната изборна комисија , по завчерашната оставка на досегашниот прв човек на ДИК, Александар Новаковски. Доколку опозицијата не се појави во понеделник на координативната средба Вељановски се закани дека координаторите од парламентарното мнозинство ќе бидат приморани да разговараат за прашањата кои што ги наметна опозицијата.
Инаку Собранието попладнево одржува седница на која треба да отпочне постапка за избор на нов претседател на ДИК. Со работата на Државната изборна комисија во моментов раководи заменикот - претседател Субхи Јакупи. Тој денеска истакна дека Државната изборна комисија, и по оставката на Новакоски, е подготвена за спроведување на евентуални предвремени парламентарни избори.
Заменик-претседателот на комисијата уште истакна дека доколку во рок од три дена опозицијата не предложи нов претседател на комисијата, изборот, согласно законот ќе се врши на конкурс.
Партиите бараат лидерска средба
Дел од парламентарните партии денеска побараа одржување лидерска средба на која ќе се зборува за решавање на политичката криза во земјата и предвремените парламентарни избори.
Пратеникот на ДУИ Рафис Алити го повика лидерот на неговата партија Али Ахмети да иницира одржување на таква лидерска средба. И пратеничката група на НСДП, ЛП и НА претходно на прес-конференција побара да се организира средба на која би присуствувале лидерите на сите парламентарни парти и која би имала за цел да се договори датумот и изборните правила за одржување на предвремените парламентарни избори.
Автор: СН/миа
Редактор: Борис Георгиевски