Вештачки дождови против смогот и пожарите
22 јуни 2013Големите пожари на плантажите за палмово масло на индонезискиот остров Суматра, според податоците на меѓународната организација за заштита на природата Гринпис, се одговорни за драматично лошиот квалитет на воздухот во соседен Сингапур.
Шумските пожари годинава предизвикаа рекордно загадување на воздухот во Сингапур. Загадувањето се мери со ПСИ вредност. Кога ПСИ има вредност над 100, тоа значи нездрав воздух, над 300 значи опасност по здравјето. Индексот за смог, според владини извори, таму во меѓувреме ја преминал критичната граница од 400, што за болните и постарите луѓе може да биде опасно по живот. До денеска вредноста се намали на, и натаму опасните, 323.
Индонезија во меѓувреме започна голема акција на гаснење на големите шумски пожари на островот Суматра. Притоа се употребуваат и хемикалии кои се прскаат во облаците, за да се предизвика вештачки дожд. Пожарите со денови предизвикуваат облаци чад од огромна големина и го загадуваат воздухот на Суматра, во Малезија и Сингапур. Здравствените власти ги предупредуваат луѓето да не излегуваат на отворено.
Заштитниците на животната средина се сомневаат дека пожарите биле намерно подметнати од земјоделците и сопствениците на плантажи, за нивните полиња да ги подготват за насади. Поради сомневање за подметнување пожар индонезиските власти започнаа истрага против 14 фирми.