1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Ветерната енергија во Македонија се‘ уште „одвеана од ветрот“

8 октомври 2011

Македонија има одлични услови за изградба на ветерни електроцентрали на повеќе од 20 локации со ветрови во текот на целата година. Но, еолската енергија речиси и не игра улога во задоволувањето на енергетските потреби.

https://p.dw.com/p/12lwW
Почеток на изградбата на ветерни турбини во ТетовоФотографија: DW

Првите мини турбини за производство на електрична енергија од ветрот во новиот погон на швајцарската компанија „ЛСГ холдинг“ во општинскиот центар Желино, во тетовскиот регион, се очекува да бидат произведени во првата половина на 2012 година, соопштува неофицијално раководството на оваа локална самоуправа. Откако во средината на мај годинава беше положен камен-темелникот на новиот производствен објект, новорегистрираната македонска компанија „Енфлопродукцион“ на „ЛСГ холдинг“ објави оглас на веб-страницата на интернет на општина Желино за вработување стручњаци за компјутери, машинство и енергетика.

Првите мини-ветерници од Тетово за Европа  –  вгодина

Фатмир Изаири, претседател на Полошкиот развоен плански регион и градоначалник на Желино на прашањето - како се одвива изградбата на погонот за ветерни турбини, одговара:

„Се работи редовно, напати и понтензивирано. Се предвидуваше погонот да започне со работа до крајот на оваа година, меѓутоа, јас не можам да прогнозирам дали ќе се исполнат предвидувањата на фирмата, или ќе задоцни со стартот малку повеќе. Како локална самоправа, ние ги издадовме навреме сите потребни дозволи и други документи за градба, кои им беа  потребни. Сепак, на теренот се работи.“

Offshore-Windpark Alpha Ventus
Фотографија: picture-alliance/dpa

Во непосредна близина на автопатот Тетово-Скопје, на локација од 2,5 хектари, постапно никнува новиот стопански капацитет за производство на ветерници, кои ќе генерираат струја за потрошувачите во домовите во Европа.

Дирк Сус, генерален директор на „Енфлопродукцион“ вели:

„Во блиска иднина планираме овие енергетски турбини да ги продаваме во Централна Европа, а потоа и во другите делови на овој континент. Ако има побарувачка, и во Македонија. Евтината работна сила на овој простор, како и пристапноста на регионот, беа одлучувачки што се решивме тука да го отвориме погонот. Очекуваме овој проект да биде профитабилен, успешен и долгогодишен.“

Какво е економското значење на оваа швајцарска инвестиција, прва од ваков вид во Македонија? Градоначалникот на Желино Изаири укажува:

„Сигурно, тоа значење е големо, бидејќи во првата етапа се очекува вработување на околу 100 лица, а до крајот на комплетната реализација околу 500 лица, која би траела по фази околу 5 години. Првичното вложување во првата фаза е 5 милиони евра, а севкупно во сите фази и до 20 милиони евра.“

При поставувањето на камен-темелникот, потпретседателот на Владата за економски прашања Владимир Пешевски имаше кажано:

„Се работи за инвестиција, која не само што ќе создаде нови работни места, туку и ќе донесе современа технологија во Македонија. Она што ќе го користи компанијата ’Енфло’ е ’последен збор’ на технологијата во доменот на производството, така што ќе има и пренесување на знаења. Тоа ни‘ е многу важно нам како држава.“

Другите „трчаат“ на полето на ветерната енергија, Македонија „лази“

Група од неколку десеттици веќе образувани лица, кои се пријавија на споменатиот оглас, пред нивното вработување во фабриката за ветерни турбини ќе бидат упатени на дообука три месеци во Швајцарија и во Германија. Покрај самата технологија, тоа ќе претставува внесување и на европски производствени искуства во оваа област на енергетиката во Македонија, која во неа има многу малку свои проекти, а не користи ниту пари од европските стимулативни фондови за такви проекти.

Flash-Galerie Windkraft in Deutschland
Фотографија: picture-alliance / dpa

Швајцарскиот погон, со навестената изградба на уште три такви, ако инвестицијата се покаже како успешна, ја подотвора вратата и за други можни енергетски „гринфилд – инвестиции“, како и за поголемо користење на ветровата енергија и во самата Македонија.

Малите ветерници на „Енфлопродукцион“ повторно го отвораат уште помалото досие за ваквата енергија во Македонија, во кое, практично, не може да се најде нешто поконкретно околу  ползувањето ветрова енергија и за градбата на такви енергетски објекти, поле во кое околните и другите европски држави не чекорат, туку „трчаат“. Единствениот проект е првата „фарма“ на 15 – 18 ветрови електрани во Богданци, кај Гевгелија, планирана да започне да се гради оваа есен, како инвестиција од 55 милиони евра во производството на 100 гигаватчасови струја годишно. Од таа сума, 33 милиони евра се кредит на германската КФВ-банка. За користење пари од европските фондови за вакви намени нема заинтересирани, но има редица административни и законски бариери, предупредуваат енергетските експерти во земјата.

Во меѓувреме, Англија планира до 2020 година да изгради дури 7 илјади еолски електроцентрали за снабдување на 25 милиони домаќинства со струја од таков извор. Полска ќе инвестира 750 милиони евра годинава во ветровата енергетика, а во мај годинава ја доби својата трета „фарма“ на такви електроцентрали. Очигледно, „ветровата енергетска пролет“ доцни во Македонија.

Автор: Свето Тоевски

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска