Ветената помош не ги спречи судирите во Бејрут
26 јануари 2007
Три лица загинаа во најновите судири меѓу владините сили и опозицијата во либанскиот главен град Бејрут. Во немирите се повредени околу стотина лица. Конфликтот настанал меѓу студентите во универзитетискиот кампус, но потоа судирот се проширил низ градот и прераснал во вооружени престрелки. Во расчистување на ситуацијата морала да интервенира и либанската војска. Во Бејрут синоќа беше воведен и полициски час и последните информации од теренот велат дека на улиците е мирно. За смирување на ситуацијата повикале и лидерот на радикалниот Хезболах , Насрала како и премиерот Синиора, кој се наоѓа во Париз на донаторската конференција за Либан. На либанскиот премиер Синиора му успеа да ги убеди високите претставници на 40 земји и меѓународни организации од итната потреба да и се даде помош на неговата земја. Тој им рече:
„Цената на помошта - без разлика колкава е - е многу поважна во однос на цената која ќе се плати ако не му се помогне на Либан”, аргументираше Синиора.
Иако организаторите и либанската влада очекуваа да добијат околу 5 милијарди долари, донаторите на првиот ден од дводневната конференција веќе ветија 7,6 милиајдри долари помош и кредити. Синиора верува дека овие пари ќе му помогнат не само во обновата на земјата која беше разурната во едномесечната војна меѓу Хезболах и Израел, туку ќе му помогне во реализација на зацртаните реформи за заживување на економијата и стабилизација на земјата.
И покрај ова опозицијата во Либан, предводена од Хезболах, а поддржана од Сирија и Иран, не се откажува од барањето за смена на актуелната влада. Премиерот Синиора кој ја има поддршката од западот категорично го одбива тоа.
Поради ова многу луѓе во Либан стравуваат дека и покрај ветената меѓународна финансиска помош во земјата многу лесно може да избувне граѓанска војна.