1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вести од економијата

22 јули 2008

Зделката на белгискиот производител на пиво ИнБев со американскиот конкурент Анхојзер-Буш како и кризата на америакснките банки како последица од сломот на пазарот на недвижнини - дел од вестите од економијата.

https://p.dw.com/p/EhOR
Производство на пивоФотографија: AP

Кризата на американските банки, како последица на сломот на пазарот на недвижнини, ја зафати и најголемата штедилница во земјата Вашингтон Мјучуал. Се проценува дека на таа банка и’ се заканува загуба од 26 милијарди долари. Најголемиот дел од долгот оди на хипотекарните бизниси. Акциите на банката во понеделникот на њујоршката берза забележаа пад од 30 проценти.

Банкрот во Шпанија

Во Шпанија се навестува еден од најголемите банкроти на фирма во историјата на земјата. Друштвото за недвижнини Мартинза фадеза соопшти дека ќе побара стечај. Концернот е задолжен со околу 5,4 милијарди евра и стечајниот управник ќе започе со распродажба на неговиот имот. Крајот на големиот повеќегодишен бум на недвижнини во Шпанија значеше почеток на проблемите на Мартинза. Со слични проблеми се соочени и многубројни други концерни од бизнисот со недвижнини.

Прилагодување на вредноста на јуанот

Влијателното кинеско Министерство за трговија во интерен владин документ побара да се забави темпото на прилагодување на вредноста на националната валута - јуанот во спрема другите валути, односно брзото растење на неговата вредност. Во спротивно се заканува бран од банкроти, пред се’ во текстилната индустрија и конфекционерството, каде веќе сега две третини од фирмите се во загуба или на работ на економичноста во работењето. Во првата половина од годинава кинескиот суфицит во надворешната трговија се намали за 12 насто.

Концернот за опрема за здравството Фрезениус влегува на американскиот пазар во областа на генерички лекови. Фрезениус го презема американското претпријатие Еј-Пи-Пи Фармасеутиклс, специјализирано за пласирање ефтини лекови, таканнаречени генерика, во болниците. Цената на трансферот е 2,4 милијарди долари.

Зделка меѓу производители на пиво

Белгискиот производител на пиво ИнБев го презема американскиот конкурент Анхојзер-Буш и стана водечки на светскиот пазар. Цената на зделката изнесува 52 милијарди долари, но неа треба да ја потврдат и акционерите, како и антикартелските власти. Новиот концерн ќе има годишен промет од 36 милијарди долари. Нему му припаѓаат околу 300 марки на пијалоци, меѓу нив и Бекс, Стела Артоаз и Бад лајт.

Јапонскиот производител на автомобили Тојота ги коригира продажните планови за годинава: новата цел е 9 ипол милиони продадени возила, 350 илјади помалку од првобитните планови. На најважниот пазар за Тојота - американскиот, продажбата опаѓа, посебно за пик-ап возила и џипови кои трошат многу гориво.

Бум на пазарот на компјутерите

Бумот на продажбата на лап-топ компјутери му донесе зголемена добивка на најголемиот светски производител на компјутерски чипови - Интел. Во вториот квартал на годинава нето-добивката порасна за една четвртина и достигна вредност од околу 1 милијарда и 600 милиони долари, а вкупниот промет, во споредба со мианата година, се зголеми за 9 проценти и достигна 9 ипол милијарди долари.