1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вестервеле ги поздрави заклучоците за Сирија

13 февруари 2012

Германскиот министер за надворешни работи Гидо Вестервеле ги поздрави заклучоците на Арапската Лига за ситуацијата во Сирија.

https://p.dw.com/p/142MT
Гидо ВестервелеФотографија: AP

Шефот на германската дипломатија Гидо Вестервеле изјави дека е позитивно оти Арапската Лига ја презема водечката улога во обидот за надминување на кризата во Сирија.

Осудата на насилството во Сирија и преземените чекори на Арапската лига против режимот на претседателот Башар ал Асад се силен сигнал до народот на Сирија, истакна Вестервеле.

Покрај тоа во резолуцијата за Сирија усвоена во Каиро, Арапската лига и вети сеопфатна помош на сириската опозиција.  

Дамаск ја отфрли резолуцијата на Арапската лига

Министрите за надворешни работи на земјите-членки на Арапската лига на вчерашниот состанок во египетскиот главен град аплираа за воспоставување комуникациски канали со сириската опозиција, како и за доставување секаков вид политичка и материјална поддршка на противниците на режимот на сирискиот претседател Башар Асад.

Министрите ја повикаа сириската опозиција на обединување. Покрај тоа Резолуцијата за Сирија на Арапската лига предвидува и прекин на дипломатските односи со властите во Дамаск и укинување на набљудувачката мисија на организацијата во Сирија.

Сириските власти пак вчеравечер категорично ги отфрлија одлуките на состанокот во Каиро на министрите за надворешни работи на земјите-членки на Арапската лига .

Во соопштението на сириската Амбасада во Каиро се истакнува дека одлуките на состанокот се „одраз на хистеријата, што ги зафаќа некои арапски земји“.

„Сириската Арапска Република категорично ги отфрла денешните одлуки на Арапската лига, изјави постојаниот претставник на Сирија во Арапската лига и сириски амбасадор во Египет“, Јусеф Ахмад.

Автор:СН/БГ/ртр/афп/дпа/миа

Редактор: Александра Трајковска