1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вершбоу: Нема план Б, името мора да се реши

ЕМФ/макфакс18 јули 2012

Доколку Македонија сака да стане членка на НАТО, мора да биде надминат спорот со името, ја повтори познатата позиција на НАТО нејзиниот заменик-генерален секретар, Александар Вершбоу, за време на посетата на Скопје.

https://p.dw.com/p/15Zbu
Фотографија: MIA

По средбите со македонскиот премиер Никола Груевски, министерот за надворешни работи Никола Попоски и министерот за одбрана Фатмир Бесими, Александар Вершбоу порача дека не постои план Б во однос на зачленувањето на Македонија и порача дека Алијансата стои зад својата одлука од самитот во Букурешт во 2008 година дека покана за членство ќе биде врачена штом се надмине спорот со името со Грција:

„НАТО е организација која ги носи своите одлуки со консензус. Имаме одлука од 2008, која ја реафирмиравме во Чикаго, го одразува конзензусот во Алијансата и го покажува патот до членство за Поранешната Југословенска Република Македонија. Потребен е консензус за да се промени одлука донесена со консензус. Нема план Б во моментов“, рече Вершбоу.

Министерот Попоски, кој повика на што поскоро постигнување на консензус во врска со зачленувањето на Македонија во НАТО, побара од грчките власти со конкретни сигнали да покажат суштинска посветеност во надминувањето на спорот. Тој оцени дека претстојната посета на Генералниот секретар на Обединетите Нации Бан Ки-Мун и престојот на медијаторот Метју Нимиц во Скопје и Солун, е значаен фактор за создавање на клима за придвижување наработите во вистински правец:

„Тоа што сакаме да го видиме е искрена посветеност, искрено инволвирање и комуникација на сите можни нивоа помеѓу официјалните преставници од највисоко ниво на Грција до она практично ниво. Само со такви чекори можеме да видиме некакво конкретно придвижување. Доколку се апстрахираме од овој контекст, не мислам дека самиот факт што имаме определена посета значи надминување или ненадминување, но фактот што имаме определена динамика во комуникацијата, и јас се надевам дека ќе видиме сигнали на суштинска посветеност во Грција, е значаен фактор за создавање на клима и придвижување во вистинскиот правец“, изјави Попоски по средбата со Вершбоу.