1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Верски „битки“ во Турција

Гунар Кене / Исил Негриз / Зоран Јордановски24 декември 2012

Турскиот премиер Ердоган, сунитски муслиман, ги означува 10-те милиони алевити како свои браќа, но бара да се интегрираат со сунитите, ако биле вистински муслимани. Тој бара сите да одат на молитва во џамии.

https://p.dw.com/p/16pXm
Фотографија: AP

Проблемот со Курдите не е единствениот, кога се во прашање малцинствата во Турција. Иако премиерот Ердоан ги означува 10-те милиони алевити како свои браќа, нивната положба е незавидна. Ако биле вистински муслимани требало да се интегрираат со сунитите, оти одвоеното молење во алевитски молитвени домови водело до поделба на општеството, вели Ердоан. Граѓанската војна во Сирија уште повеќе ја влошува ситуацијата на алевитите во Турција, оти тамошниот владетел Асад е алевит.

За илустрација на состојбата со алевитите Дојче веле појде во Алевитскиот културен центар во маалото Картал во Истанбул, кој всушност е обична барака на еден паркинг. Но, Али Ајик, претседател на здружението на алевитите, е среќен што таа воопшто уште постои. Од вечерта во септември, кога овде беа фрлани молотови коктели, тој не сака навечер да ги остави сами објектот и неговите посетители.

„Сторителите побегнаа, но ние, алевитите, сметаме дека вистински одговорните се во владата. Премиерот ја користи секоја можност да не навреди. Тоа некој го почувствува како охрабрување за да го изведе нападот“, смета Али Ајик.

Türkei Religion Alewiten in Istanbul Atatürk Porträt
Алевити - мажи и жени, танцуваат на верска церемонија, што е незамисливо за останатите муслиманиФотографија: AP

Заедничка богослужба за мажи и жени во џамија е незамислива за сунитското мнозинство во Турција. За алевитите тоа е нормално, на мисите се пејат песни, се рецитират стихови. Кај нив во преден план стои хуманизмот, а не догматизмот. Алевитите го чествуваат Али, зетот на Мухамед, а не пророкот. Ритуалот мажите и жените меѓусебно да си ги мијат рацете, е знак за рамноправност.

„Господ ги создал мажот и жената од една капка вода. Ако тој така предвидел, зошто тогаш да не се еднакви?“, прашува Мустафа Дузгун, кој е алевитски теолог.

За радикалните сунити ова се еретички зборови. Поради тоа алевитите во свој круг ги негуваат традициите и песните. По избивањето на војната во соседна Сирија тие се чувствуваат уште повеќе под притисок, оти тамошниот диктатор Асад исто така е алевит. Но, за тоа придонесуваат и претставниците на здружението кои го претставуваат режимот на Асад во поубава светлина.

„В ред, ако таму владее диктатура, тогаш народот треба да ја укине, но не треба да се мешаат од странство. Се виде што стана од таканаречената ’арапска пролет‘. Освен тоа, немаме ли и ние, овде во Турција, диктатура?“, прашува Исмаил Сачли, од Здружение на алевитите во Истанбул.

Поради вакви зборови алевитите губат многу симпатии во Турција. Многумина од нив се во дилема во врска со конфликтот во Сирија - го одбиваат курсот на Асад, но се плашат власта да не ја преземат порадикалните сунити.

Türkei Religion Alewiten in Istanbul
Алевитите го слават Али, зетот на Мухамед, а не самиот пророкФотографија: AP

„Алевитите се плашат дека тоа би ја заострило атмосферата и во Турција и во опркужувањето. Иако лично сметам дека е погрешно да му се дава политичка подршка на Асад, можам и да ја разберам загриженоста на турските алевити“, вели Соли Озел, политиколог од универзитет Билги во Истанбул.

А, некои од противниците на алевитите не остануваат само на зборови. Непознати лица ги маркираа со боја куќите на алевитите во истанбулското маало Картал. Стравоит што оттогаш завладеа овде, ги зафати и Илјаз Екинчи и неговото семејство. Градските власти набргу го премачкаа маркираното , но шестчленото семејство не верува дека државата ќе ги заштити.

„За нас алевитите никој не се грижи, нашите молитвени домови не се признаени, не добиваме никаква помош, дури и ако сме сиромашни.“, вели Илјаз Екинчи, алевит од Истанбул.

„Државата не сака сериозно да ги бара напаѓачите, иако тие се познати“, вели Али Ајик од Здружението на алевитите.

Во алевитскиот културен центар во маалото Картал, и не само таму, веќе не сакаат да молчат. Тие повикаа на протестни акции во целата земја. Така станува се’ повидливо дека освен со Курдите, Турција има конфликти и со други малцинства.