Вердер се плaсира во осминафиналето од Лигата на шампионите
8 декември 2005Синоќа се одиграа средбите од последното коло во преостанатите 4 групи во фудбалската Лига на шампионите. Сега се познати сите учесници во осминафиналето на Лигата, како и во меѓурундата од Купот на УЕФА.
Во Бремен Вердер му нанесе катастрофален пораз на грчкиот претставник Панатинаикос со 5 спрема 1. Серијата голови ја отвори Мику од пенал веќе во втората минута, уследија уште два гола на Валдез во првиот дел. Клозе, кој играше со скршена јаболчна коска и со заштитна маска врз лицето, наголеми на 4 спрема 0. Почесниот гол за гостите го постигна Морис, а во минутите на доигрувањето Фрингс стави точка врз величествениот настап на својот тим. „Прекрасно доживување за нас вечерва, влеговме во наредната рунда и со тоа го повторивме минатогодишниот успех. Можеме да бидеме горди“ – рече тренерот Томас Шааф.
Судбината на Вердер зависеше и од исходот на средбата во Удине, каде Барселона го победи Удинезе со 2 спрема 0, со голови постигнати во последните пет минути. „Сега сум уште поголем навивач на Барселона“ – на шега прокоментира играчот на Вердер Валдес.
Така во Ц-групата зад убедливата Барселона се пласира Вердер, а Удинезе со ист број бодови е на трето место и ќе игра во Купот на УЕФА.
Во Д-групата Бенфика во Лисабон го совлада Манчестер Јунајтед со
2 спрема 1. Гостите поведоа уште во шестата минута, но домаќинот направи резултатски пресврт веќе во првото полувреме. „Разочарани сме. Ова е најниска точка, оти постојано се квалификувавме за европските натпреварувања. Но, понекогаш во фудбалот е голем предизвик да ги надминеш проблемите. Ние тоа секогаш го правевме и уверен сум дека и сега ќе го сториме до крајот на сезоната“ – рече менаџерот на Манчестер Јунајтед Алекс Фергусон.
Вилјареал со победата над Лил со 1 спрема 0, го обезбеди првото место во групата, Бенфика ќе го придружува во натамошните натпревари од Лигата на шампионите, а Лил ќе се вклучи во Купот на УЕФА.
Баерн остана непоразен на гостувањето во Бриж – 1 спрема 1, но тоа е доволно само за второ место во А-групата, бидејќи Јувентус, според очекувањата, го победи Рапид во Виена со 3 спрема 1. Баварците поведоа во 20-тата минута преку Писаро, но по само 12 минути Бриж изедначи со голот на Портилјо. Рапид е елиминиран од европската сцена.
Во Б-групата две нерешени средби без ни еден гол, а играа водечкиот Арсенал против второпласираниот Ајакс и Спарта со швајцарскиот претставник Тун. Спарта е елиминирана.
Во осмина финалето на Лигата на шампионите три земји имаат по три претставници: од Шпанија се Барселона, Реал Мадрид и Вилјареал, од Англија - Арсенал, Челзи и Ливерпул и од Италија - Милан, Интер и Јувентус. Германија е застапена со две екипи – Баерн и Вердер, исто толку има и Холандија - ПСВ Ајндховен и Ајакс. По еден тим имаат Франција – Олимпик Лион, и Португалија - Бенфика Лисабон.
Извлекувањето на двојките ќе биде на 16-ти декември во Нион, првите натпреварите од осминафиналето ќе се играат на 21-ви и 22-ри февруари, а реваншите на 7-ми и 8-ми март.
Како третопласирани од групите во Лигата на шампионите, во третото коло на Купот на УЕФА, ќе се приклучат: Шалке, Бетис, Удинезе, Лил, Бриж, Тун, Розенборг и Артмедиа. Извлекувањето на двојките и за овој куп ќе биде на 16-ти декември.