1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вердер и Шахтјар во финалето на купот на УЕФА

8 мај 2009

Фудбалерите на Вердер Бремен ќе играат во финалето на Купот на УЕФА. Во германското полуфинале Вердер во реваншот против Хамбургер оствари победа од 3:2. Негов противник на 20 мај во Истанбул ќе биде Шахтјар Доњецк.

https://p.dw.com/p/HluA
Вердер Бремен подобар од ХамбургерФотографија: AP

Само пред две недели, Вердер го елиминираше Хамбургер и во полуфиналето на германскиот Куп, исто така на негов терен. Хамбургер меѓутоа пред третото „северно“ дерби, како што во Германија го нарекуваат дуелот меѓу Вердер и Хамбургер за само 14 денови, влезе со предност од 1:0 постигната на гостински терен во Бремен. Но избраниците на тренерот Мартин Јол иако поведоа со 1:0, сепак на крајот мораа да го напуштат стадионот со наведнати глави. Диего, Клаудио Пизаро и Франк Бауман ја крунисаа теренската доминација на Вердер. Ивица Олиќ пак со вториот гол на натпреварот внесе дополнителна напнатост во последните минути од извонредно возбудливиот натпревар.


Германско- украинско финале

UEFA Cup Halbfinale Donezk und Kiew
Вердер Бремен во финалето ќе игра против ШахтјарФотографија: AP

И тренерот на Бремен Томас Шааф по мечот истакна дека натпреварот бил извонреден: „Денеска најнапред мора да им се честита на двете екипи за фантастичниот настап. Тие не се предадоа, и двата тима дадоа се’ од себе“, истакна Шааф.

Голманот на Хамбургер, Франк Рост веднаш по мечот се обиде да ја најде причината за поразот: „Затоа што им оставивме многу слободен простор на играчите на Бремен. На крајот се обидовме со се’. Сметам дека кон крајот требаше да добиеме и пенал. Тоа е тоа. Потребно е некогаш да имаш трошка среќа, а ние денеска ја немавме“, рече Рост.

Во второто, условно кажано, украинско полуфинале од Купот на УЕФА, Шахтјар беше поуспешен од Динамо Киев. Во реваншот во Доњецк, Шахтјар славеше со 2:1. Првиот натпревар во Киев заврши нерешено 1:1.


Автор: СН/ЖА/дв/ртр

Редактор: Александра Трајковска