1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вердер во Лигата на шампионите

Б. Вист, А. Бетхер, В. Кесел / З. Јордановски19 мај 2008

Шалке само преку квалификации може да се пласира за Лигата на шампионите. Минатогодишниот освојувач на Купот испадна од Бундеслигата, а во неа влезе екипа од село со 3300 жители. Интересен крај на фудбалската сезона.

https://p.dw.com/p/E2UU
Последен поздрав од спортскиот терен: Оливер Кан ја заврши величествената кариераФотографија: AP

Нирнберг постави негативен рекорд - по седми пат принудно се сели во Втората лига, откако на крајот на свој терен загуби од Шалке со 2 спрема 0. „Вообичаено ми треба ден-два за сето да го преработам во себе, оти сум ужасно разочаран. Апсолутно верував во тимот, и денеска верував дека ќе можеме да го избегнеме ова“ - како во шок вели тренерот на Нирнберг Томас фон Хезен. Тој беше доведен на местото на Ханс Мајер како спасител, оти минатогодишниот освојувач на Купот тонеше во Бундеслигата.

Опстанок во последното коло, пак, обезбеди Арминија Билефелд, играјќи нерешено 2 спрема 2 на гости кај Штутгарт. „Тимот вложи многу и мислам дека го заслужи ова. Се радувам за сите симпатизери и за клубот, кој во решавачката фаза ги зачува нервите“ - рече тренерот на Арминија Михаел Фронцек.

Веќе од порано беше познато дека во втора лига се селат Ханза, која на разделба дома во Росток го совлада Бохум со 2 спрема 1, и Дуизбург, кој на гости кај Ајнтрахт во Франкфурт беше совладан со 4 спрема 2.


Вердер добитник во разврската...


Многу занимлива испадна разврската во горниот дел на табелата. Вердер е вицешампион и по една тешка сезона обезбеди петти пат последовно учество во Лигата на шампионите со победата над Баер на гости во Леверкузен со 1 спрема 0. Традиционално воздржаниот тренер Томас Шаф вели: „Задоволни сме од натпреварот, повеќе од задоволни со целата сезона. Убаво е кога ќе имаш ваков крај“.

Шалке направи што беше до него - победи во Нирнберг, но... „За жал, тоа денеска не беше доволно за скок на второ место. И покрај тоа, шапка долу за работата на тимот“ - рече Мајк Бискенс, тренер на екипата од Гелзенкирхен, кој низ квалификации сепак има шанса да се избори за учество во Лигата на шампионите.


...Баер (Л) и Штутгарт губитници


Во Купот на УЕФА ќе играат Хамбургер, кој со победата од 7 спрема 0 против Карлсруе се извади за сите потфрлувања во финишот на, инаку, добрата сезона, како и Волфсбург, кој славеше победа против Борусија во Дортмунд со 4 спрема 2. Феликс Магат, кој ја има целосната одговорност во стручниот и организаторскиот дел во клубот, по почетните потешкотии, успеа да го поведе Волфсбург на константно нагорна патека. Тоа не ги исцрпе неговите амбиции: „Не го насетувавме ова и се радуваме што се оствари. Во наредната сезона ќе ги искористиме натпреварите на меѓународна сцена за натамошно да се развиваме“ - вели Магат.

Минатогодишниот шампион Штутгарт се пласира само за Интертото-купот, а за Баер Леверкузен, кој во последното коло падна од четврта на седма позиција, нема место на меѓународната сцена.


Во Минхен прослави и разделби


Првак, како што е од порано познато, е Баерн, годинешен победник и на германскиот куп. На навивачите за разделба Баерн им подари победа над Херта од Берлин со 4 спрема 1. 21-та шампионска титула најуспешниот германски клуб ја освои со 10 бодови предност пред вицешампионот. Успехот беше прославен и со доза на сентименталност: Баерн го напшуштаат тренерот Отмар Хицфелд, кој ќе биде иден селектор на Швајцарија, и голманот Оливер Кан, кој ја заврши кариерата. Патем, и судијата на оваа средба, реномираниот Маркус Мерк, исто така ја заврши активната кариера.

Хицфелд растревожено зборуваше: „Денеска и овде заврши еден дел од мојот живот што го поминав во Баерн, што ми предизвика многу стрес, притисок, бараше многу нерви. Но, тоа внатрешо оптоварување веќе отпаѓа и се разбира се радувам што дојде крајот; солзите сепак не можат да се задржат“. Местото на Хицфелд во наредната сезона ќе го заземе Јирген Клинсман, поранешен селектор, кој ја доведе германската репрезентација до третото место на последното светско првенство.


Еден гигант ја заврши кариерата


По речиси 21-на година поминати меѓу стативите на голот на Карлсруер, Баерн и во германската репрезентација, величествената кариера ја заврши Оливер Кан, долго време еден од најдобрите голмани во светот. „Штета е, оти ми приредуваше големо задоволство, ми донесе прекрасни емоции. Но, сега доаѓа нешто ново и се радувам на тоа. Секако, ќе потиснам по некоја солза, но во моментов се чувствувам многу добро, многу среќен со навивачите“.

За Оливер Кан годинашнава е осма шампионска титула, шест пати го освои Купот - повеќе од било кој фудбалер во Бундеслигата. Нема ни голман кој примил помалку од 21 гол на 34 средби од едно првенство, како Кан на крајот од кариерата. Врв во неа секако беа освоувањето на Купот на УЕФА во 1996-та година и посебно на Лигата на шампионите во 2001-ва, кога со Баерн Кан го освои и пехарот на Светскиот куп.

„Мислам дека освоив се’ - повеќе и не може да се очекува. Поради тоа во моментов чувствувам само едно - благодарност што ми беше овозможено моето тело да издржи толку долго и што можев да играм во клуб кој ми овозможи да има толку многу доживувања, да славам толку толку многу успеси“ - вели 38-годишниот Оливер Кан. Најголемото разочарување тој го доживеа пред Светското првенство во 2006-та, којга од селекторот Клинсман беше деградиран во втор голман на репрезентацијата, зад Јенс Леман. Но, тој спортски реагираше, што му донесе многу симпатии.


Хофенхајм - за 8 години од општинска до Бундеслигата


Бележиме уште една приказна како од фудбалска бајка, која, за разлика од онаа на Кан, допрва како да започнува: покрај Борусија Менхенгладбах и Келн, во Бундеслигата се пласира и 1899 Хофенхајм. За многумина и во Германија до пред некое време непознато, или во најдобар случај одвај познато име. Клубот е од село со 3300 жители од регионот Рајна -Некар. За само осум години стигна од општинска до Бундселигата, низ Втората лига се прошета само една сезона. Како беше можно?

Одговорот и не е толку тежок - милијардерот Дитмар Хоп, некогашен соосновач на конвернот за компјутерско софтвери САП, стои зад клубот. „Ние, всушност, не сме селски клуб, туку клуб на регионот на метрополи Рајна-Некар, со 2,4 милиони жители, со многу моќни фирми кои не подржуваат. Поради тоа сме апсолутно споредливи со клуб од голем град“, вели Хоп и додава: „Јас од една страна создавам рамковни услови и инфраструктура, ставив и средства на располагање за да можеме да купиме играчи, кои сега не однесоа погоре. Но, тренерот Ралф Рангник и неговиот тим извршија извонредна работа“.


„Приказна на долг рок“


Дитмар Хоп, заедно со други спонзори, само за набавка на играчи за оваа сезона вложи 20 милиони евра, и уште 50 за новиот стадион кај Зинсхајм, кој треба да биде готов на крајот на годинава. „Видете каква инфраструктура настанува - во Зинсхајм стадион за 30 илјади гледачи, во соседниот Цуценхаузен најмодерен тренинг-центар. Ова е приказна на долг рок“, вели тој. Работите се поставени така, што, според Хоп, целиот проект може да се самоиздржува, независно од него - и тоа колку што е можно побргу.

Успехот, постигнат две години пред планот, е несфатлив и за навивачите, кои со илјадници го следат тимот и на гостувањата.

„Вистинско лудило, цело семејство е инспирирано. Жена ми никогаш не била на стадион, ама сега се плашам дека ќе сака да има претплатна карта за наредната сезона“, коментира еден приврзеник на клубот. „Не, ова е несфатливо, пребргу е. Но, еуфоријата го направи можно“, оцени една љубителка на фудбалот. Друга додава: „Во моментов не можам да сфатам дека со Хофенхајм ќе бидат спомнувани имиња како Баерн и други. Тоа уште не ми оди в глава“.


Неколу изненадувања во изборот на селекторот Лев за ЕП


Веројатно на ни Тимо Хилдебрант не му оди в глава дека нема да учествува на наредното европско фудбалско првенство. Селекторот Јоахим Лев соопшти 26 имиња кои ќе бидат повикани на подговотвки на Мајорка и од кои ќе бидат одбрани 23-ца учесници. Покрај Леман, голмани се Роберт Енке и младиот Рене Адлер од Баер Леверкузен. Отпадна досега стандардно третиот голман на репрезентацијата Хилдебрант.

Изненадување е и Марко Марин, 19-годишен играч од средниот ред на Борусија Менхенгладбах. Второлигашки репрезентативци се и Оливер Невил од истиот тим, како и Патрик Хелмес од Келн. За многумина изненадување е и повикот за Давид Одонкор. Меѓу избраните се 15-мина од кадарот од светското првенство пред две години, 11 се нови. Јоахим Лев, всушност, врши навремена селекција на млади играчи, кандидати за селекцијата за Светското прбевенство 2010-та. „Во нашиот кадар, од играчите, сме апсолутно убедени и сега му се радуваме на почетокот на Европското првенство“ - рече тој.


Жистен Анен означи крај на кариерата


На 25-годишна возраст и на врвот на кариерата, како број еден во светскиот женски тенис, по 38 освоени турнири, Белгијката Жистен Анен реши да се повлече. Таа образложи дека и’ се исполнил сонот што го имала уште од петгодишна возраст. „Знам дека е ова шок за многумина, изненадување. Но, за тоа решение веќе извесно време размислував. Ова е крај на една чудесна авантура“ - рече Анен на прес-конференција, .

Најдобриот во машка конкуренција Роџер Федерер искажа изненадување од решението на Анен и нејзиното повлекување го оцени како голема загуба заженскиот тенис во светот.

►◄