1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Венизелос гледа подготвеност за дијалог

ЕМФ/миа20 февруари 2014

Обострана подготвеност за интензивирање на разговорите за името и за јакнење на билатералните односи е констатацијата што денеска (20.02) ја извлече грчкиот вицепремиер и министер за надворешни работи Евангелос Венизелос

https://p.dw.com/p/1BCrN
Фотографија: MIA

По средбата во Скопје со македонскиот премиер Никола Груевски, шефот на грчката дипломатија Евангелос Венизелос рече дека констатирал „заедничка подготвеност да се искористат во целост процедурите преку ОН и амбасадорот Нимиц, зашто заедничка ни е желбата да се интензивираат процедурите со почитување на релевантните резолуции на Советот за безбедност на ОН“:

„Мој личен впечаток по дводневните средби е дека Владата, политичките власти и граѓанското општество се подготвени да учествуваат во дијалогот не само за прашањето за името, туку и за унапредување на билатералната соработка, бидејќи на сите овде им е јасно дека Грција е излезот кон ЕУ интеграциите за оваа земја“, подвлече Венизелос.

Тој најави дека ќе го покани неговиот македонски колега Никола Попоски во Солун кон крајот на април на министерскиот состанок на одбележување на солунската агенда како одлична можност за нов поттик на евроинтеграцијата на регионот што Грција го организира како актуелен претседавач со Унијата.

Венизелос останува на ставот дека името не е главна пречка за отворање на пристапните преговори со Македонија, туку исполнувањето на критериумите од Копенхаген и особено почитувањето на добрососедските односи. Инаку Венизелос по министерскиот состанок во Солун најави и одржување и организирање на нови билатерални средби меѓу двете земји.

Македонскиот премиер Никола Груевски, според соопштението на макеоднската влада, на разговорот со венизелос изразил убедување дека грчкото Претседателство со ЕУ ќе ги зајакне перспективите на ЕУ за Балканот во согласност со Солунската агенда. Тој посочил дека е потребно да се посвети внимание на продолжување на дијалогот за спорот за името, под покровителство на ОН, но и разговори на билатерално ниво, кои можат да создадат синергија за перспективно намалување на разликите за што е неопходна посветеноста и искрена волја од двете страни, се вели во соопштението.