Венецуела протерува американски дипломати
18 февруари 2014Владата на претседателот на Венецуела, Николас Мадуро (на фотографијата), наредила тројца американски дипломати да ја напуштат земјата. Дипломатите добиле рок од 48 часа да ја напуштат Венецуела, а ваквата ригорозна одлука била донесена откако Вашингтон застанал во одбрана на опозицискиот лидер, Леополд Лопез, кого властите во Каракас го обвинуваат за крвопролевања на антивладините протести.
Венецуелските власти тврдат дека американските дипломати се обиделе да влезат во универзитетот во Венецуела под изговор дека имаат конзуларни работи поврзани со студентските визи. Венецуела тврди дека САД соработува со опозицискиот лидер со намера да го сруши социјалистичкиот режим што САД го отфрлаат.
Најмалку три лица загинале, а две се повредени во жестоките протести на антивладините и провладините демонстранти во Каракас каде се собрале околу 10 илјади луѓе. Ова се најмасовните демонстрации од кога Мадуро го зазеде претседателското место. Демонстрантите најавиле дека нема да се тргнат од улиците сe додека Мадуро не поднесе оставка.