Венеција-мајката на филмските фестивали
4 септември 2011На интернационалната сцена на филмските фестивали, оној во Кан важи за стомакот. Таму имено се прават бизниси. Берлин е пак главата. Таму се претставуваат новите трендови. Во Венеција меѓутоа со право може да се рече дека се душата на авторскиот филм и воопшто на киното. Тоа е поврзано со атмосферата на приморскиот град, но и со тоа дека токму во Венеција се роди идејата за организирање уметничка изложба за филмот (во оригинал: „Esposizione Internazionale d'Arte Cinematografica“) и пред 79 години во 1932 година таму беше отворен првиот филмски фестивал во светот. Тој беше отворен со проекцијата под ведро небо на терасата на тогаш штотуку изградениот „Екселзиор" хотел на островот Лидо на хорор филмот на Рубен Мамулијан - „Доктор Џекил и мистер Хајд”.
Филмската ревија - пронајдок на хотелиерите
Значи филмските фестивали односно воопшто првата ревија на филмови е пронајдок на хотелиерите, што дури и денес може да се види во Венеција по забележително поволните цени за време на фестивалската сезона. Но, тогашниот шеф на Биеналето во Венеција, на изложбата во современа уметност грфот Џузепе Волпи, не само што беше многу богат индустријалец, туку и пријател на диктаторот Бенито Мусолини, по кого на почетокот беше наречена главната награда на фестивалот (во оригинал: „Coppa Mussolini“ ). Италијанските фашисти доминираа со филмскиот фестивал. На крајот тој се претвори во затворена манифестација за силите на Оската- Германија, Италија и Јапонија, со награди за омилената режисерка на Адолф Хитлер- Лени Рифенштал, па дури еднаш и за синот на Мусолини - Виторио. Отворањето на фестивалот тогаш звучеше како партиски конгрес.
„Златниот лав“ се доделува од 1949 година
Пред точно 70 години година филмскиот фестивал доживеа своевиден нов почеток. До денес обновеното издание на фестивалот во Венеција од 1947 година важи за најуспешно негово издание досега. По две години во 1949 беше претставена и новата главна награда „Леоне Д'оро” (во оригинал „ Il Leone d´Oro)- односно „Златен лав“ со крилја, симболот на Венециската република, кој оттогаш наваму покрај Оскарот и Златната палма од Кан е најценетото филмско признание во светот.
Во Венеција на популарно наречената Мостра (во оригинал: „Mostra Internazionale d'Arte Cinematografica“) беа откриени Акира Куросава и Ингмар Бергман, а и врвните италијански режисери Висконти, Антониони и Фелини во Венеција ги славеа своите најголеми успеси. Во 1968 година конечно на фестивалот блесна и новиот германски филм. Но, во истата година фестивалот се распадна поради протестите на младите филмски уметници. Во таа протестна година на младинските движења ширум светот не беше поразлично ниту во Берлин ниту во Кан. Меѓутоа, само фестивалот во Венеција направи пауза од 11 години.
Мострата е неуништива
Во 1979 година меѓутоа фестивалот во Вeнеција повторно одбележа нов почеток. Во меѓувреме, бројот на филмски фестивали порасна на преку 600. Но, и покрај големата конкуренција, која за Венеција особено се заостри во 2006 година со востанувањето на филмскиот фестивал во Рим, венецијанскиот фестивал е неуништив, впрочем како и самиот град. Тоа треба да го покаже и неговото најново издание. Мотото на манифестацијата веќе одамна и за сите времиња го одреди Федерико Фелини : „Да живее киното".
Автор: СН/БГ/дв/ит
Редактор: