1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велики петок - ден на страдањата и смртта на Исус Христос

ЕМФ/миа/кна13 април 2012

Православните христијани денеска (13.04) го одбележуваат Велики петок, ден на страдањата и умирањето на Исус на крстот.

https://p.dw.com/p/14dJS
Фотографија: picture-alliance/dpa

Според преданието, Исус Христос починал на крст во „шестиот час на денот, а завесата на ерусалимскиот храм во истиот тој час се преполовила, сонцето се замрачило, мртвите станувале од гробови, а сите ѕвона се распукале“. Оттогаш, на Велики петок бијат дрвени ѕвона, а камбаните не ѕвонат се‘ до недела кога првпат се огласува радоста на Христовото воскресение.

Одлуката за погубување на Христос на Велика среда ја донесло Еврејското црковно собрание (Синедрионот), а тој бил пронајден и уапсен кај Гетсеменската градина, по Тајната вечера, ноќта меѓу Велики четврток и Велики петок. По импровизираното судење, Христос бил изведен пред Понтиј Пилат, римскиот намесник за Јудеја, кој го осудил на смрт. Потоа, со венец од трње на главата, Христос го носел својот крст до ридот Голгота, каде е распнат и каде пред да испушти душа побарал прошка од Бога за своите убијци, извикувајќи: „Оче, прости им зашто не знаат што прават“.

Според христијанското учење, заедно со невиниот распнат Исус, страдал и Господ. Затоа, Велики петок е истовремено и одговор на христијанството на се‘ што е лошо во светот. На тој начин, христијанството станува религија на крстот, а крстот станува симбол на сочувство и на избавување од смртта. Велики петок е сосем во знакот на тагата. За христијаните, меѓутоа, крстот е симбол и на спасение и избавување. Сите христијански религии денес се единствени во тоа дека преку животот и смртта на Исус, на свет дошол лично Господ. На тој начин, крстот станува и симбол на наклонетоста на Господ кон најсиромашните и најслабите.