1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велигден-победа на животот над смртта

19 април 2009

Православните верници денеска ( 19.04.2009) го одбележуваат најголемиот христијански празник Велигден, денот кога Исус Христос воскреснал од мртвите и ја докажал својата божествена моќ.

https://p.dw.com/p/Ha0M
Г.г. Стефан во храмот „Свети Климент Охридски“во СкопјеФотографија: DW/Stojanovski

Биењето на црковните камбани синоќа точно на полноќ го објави настапувањето на празникот кој, според христијанското учење, ја симболизира победата над смртта.

Пред голем број верници со богослужба во Соборниот храм во Скопје Христовото воскресение го објави архиепископот г.г. Стефан. Богослужби се одржаа и во сите други храмови на македонската црква во земјата и странство.

Верниците ја дочекаа веста за Христовото воскресение со запалени свеќи, молитви за мир, здравје и благосостојба, кршење со велигденски јајца и традиционалниот поздрав „Христос воскресе - навистина воскресе“.
Празнувањето на Велигден утрото продолжи со свечени литургии во православните храмови.

Поглаварот на МПЦ, архиепископот г.г. Стефан, во име на Синодот на МПЦ до верниците упати велигденско послание во кое им го честита празникот со порака за сплотување.

„Денот на Воскресението Христово е вистинска можност да се сплотиме како народ, да си простиме еден на друг, братски и со љубов да си подадеме рака. Македонецот насекаде, и во својата татковина и раселен по светот, знае со почит да го препознае овој неповторлив и свет ден, нарекувајќи го Голем ден - Велигден, со што ја искажува суштината и величественоста на Празникот над празниците и на овој спасоносен настан“, порача поглаварот г.г. Стефан во Велигденското послание.

Празникот на Христовото воскресение Велигден е празник на љубовта и мирот. За христијаните, Велигден е триумф на животот над смртта и доброто над злото, ден кога Исус Христос воскреснал од мртвите по неговата смрт со распнување, и ја докажал божествената моќ.

ЖА/макфакс/миа

Редактор: Жана Ацеска