1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велигденски културен мозаик

11 април 2009

Културната понуда за овој Велигден во Германија но и на секаде во Европа е богата. Христовото воскресение се одбележува со концерти, театарски претстави и изложби.

https://p.dw.com/p/HTr1
Крстот како инспирацијаФотографија: AP

Приговори и одобрување, замисленост и воодушевување во изминатите две години предизвикува уметникот Лудгер Хинзе со неговата изложба „ Крст со крст“.

Изложбата која е отворена од Велигден 2007 година досега можеше да се види на вкупно 77 изложбени места во 21 град во Северна Рајна Вестфалија. На втор ден Велигден, во понеделник, Хинзе изложбата, која опфаќа 90 најразлични крстови, ќе ја постави за последен пат во музејот на манастирот Бентлаге во местото Рајне во Вестфалија.

Во поранешниот манастир на крстоносците претставите на крстови во контекстот со архитектурата и историските уметнички богатства ќе предизвикаат контроверзи и тензии, смета раководителката на музејот, Метхилд Бајлман Шенер. Досега изложбата на Хинзе во црквите, манастирите и музеите ја видоа околу 140.000 луѓе. Самиот Хинзе сакаше и сака со неговиот изложбен проект „крстот како знак над знаците повторно да го врати во животот на луѓето“. Тоа му успеа на сите места на кои изложуваше. За уметникот знакот на крстот преставува и провокација, која постојано со себе носи изненадувања.

Drei Kreuze vor Ostern
Три крстови пред ВелигденФотографија: AP

Крстот е симбол со огромна моќ

Крстовите како скулптури, слики, графики и инсталции на нивното патување низ Северна Рајна Вестфалија за многу набљудувачи беа „бесмислени“ и „одвратни“, се сеќава Хинзе на искажувањата на посетителите. Други пак ги фалеа неговите крстови како „моќни дела“. За самиот уметник симболиката на крстовите има политички, теолошки и телесни аспекти. Тие се изработени од дрво, пластика, плексиглас или челик.

Музејот во манастирот Бентлаге не е случајно избран за место за окончување на уметничкиот проект. Крстоносците, кои во 1437 година го основаа манастирот, беа тие кои „интимното гледање и свеченото почитување на Христовиот крст го ставаа во средиштето на нивниот духовен живот“, вели Бајлман-Шенер.

Крстот како централен мотив му се наметнал на уметникот за време на демонстрациите на мајките во Сантијаго де Чиле кои пред многу години со едноставни крстови од дрво и фотографии од нивните исчезнати мажи, браќа и синови протестираа против тогашната воена диктатура во земјата. Хинзе вели дека тогаш почуствувал дека „крстот како симбол мора да има огромна моќ“, со оглед дека ги спречил војниците да постапуваат против жените кои демонстрирале.

На втор ден Велигден во понеделник треба да биде претставена и книга со фотографии со наслов „Патот на крстовите“, во која сеопфатно се документирани сите 77 изложбени места.

Statue Jesus Christus im Vatikan
Исус Христос овековечен низ уметничките дела, негова статуа во ВатиканФотографија: AP Graphics

Во Франција за сензација се погрижи една скулптура на Исус Христос на електрична столица

Од минатиот викенд пред катедралата во местото Гап на француските Алпи е исложено делото на британскиот уметник Паул Фрајер, кое го претставува Исус Христос на електрична столица. Голем број протестни писма од верниците веќе пристигнаа кај бискупот Жан Мишел ди Фалко, известува парискиот весник „Фигаро“’.

Ди Фалко меѓутоа ја отфрла критиката. Доколку Исус беше осуден во денешно време, тој ќе беше казнет со електрична столица или други варварски методи на егзекуција“, истакнува бискупот.

Затоа не е скандалозно претставувањето на Христос на електрична столица, туку рамнодушноста кон неговото распнување на крст, додава Ди Фалко.

Уметничкото дело на Фрајер и припаѓа на колекцијата на францускиот бизнисмен Франсоа Пино, која и‘ е позајмена на бискупијата во Гап за време на велигденските празници. Се’ уште не е одлучено дали делото конечно ќе биде прикажано во некој музеј или црква, известува француската телевизиска станица „Франс 3“


Автор: ДПА/КНА/Симе Недевски

Редактор:Жана Ацеска