1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Велигденски завет на Македонците од Берлин

Силвера Падори-Кленке5 мај 2013

Повеќе стотини Македонци од германската престолнина Велигден го прославија во малата црквичка „Св. Богородица“, со решеност: потребен им е и ќе го изградат и планираниот храм на патронот „Св. Климент Охридски“.

https://p.dw.com/p/18SRA
Фотографија: Silvera Padori-Klenke

И синоќа православните Македонци од Берлин и околината, исто како и лани, Воскресението Христово, го прославија во малата црквичка „Св. Богородица“, лоцирана на местото кое пред неколку години беше купено за изградба на божји храм на патронот на православната општина „Св. Климент Охридски“. На Велигденската полноќна литургија стасаа многумина, за разлика од другите празнични денови и обичните недели кога посетеноста е мала. Со запалените свеќи, според обичајот, трипати ја обиколија црквичката. Задоволни што повеќе не се во изнајмен божји храм и цврсто решени да ја изградат црквата „Св. Климент Охридски, која одамна е нивна определба и план.
„Црквата ќе се прави зашто е потребна. Има се’ повеќе Македонци, од старите и новите генерации, но и новодојдени на кои секако дека верата и местото каде ќе ја практикуваат им се важни“, е категоричен Блаже. И Слободанка се согласува дека на луѓето црквата им’ е потребна, но според неа треба да се биде и реален и да се води сметка за финансиската моќ на оние кои тука живеат. „Малата црквичка е мала за празниците, но доволна за делниците. Но, ако се гради нова би требало да има поголем, дополнителен простор во кој би можеле да се собираме, да контактираме, да го сочуваме македонското, православното и традицијата“, дополнува Слободанка.

Orthodoxe Ostern in Berlin
Собиралиште на православните Македонци е малата црква „Св. Богородица“.Фотографија: DW

Определба има, нејасни деталите

„Црквата ќе се гради и единствено има нејаснотии околу нејзиниот изглед“, за ДВ кажува и Душко Лазаревски, претседател на црковната православна општина „Св. Климент Охридски“ од Берлин. Тој ќе иницира расчистување на ова прашање на 11 мај, на заседанието на Европската епархија во Гетеборг. Зашто, како вели, секој од Берлин си има свое мислење каква и колкава црква треба, како архитектонски да се реши, како треба да изгледа, па ќе биде добро во донесувањето на одлуката и разрешувањето на дилемите да помогнат и надлежните од МПЦ. Но, ќе мора едновремено да се води сметка и за нејзино вклопување во просторот, а сепак да бидат задржани карактеристичните обележја.
Во моментов верниците се единствени дека црквата треба да се изгради, но целосно се различни мислењата каков треба да биде новиот објект.
„Треба поголема господова куќа! Тука сме 2000 Македонци. И куќа не се гради брзо, а камо ли црква . Ние да ја почнеме градбата, па ако треба наредните генерации нека ја доправаат. Но, важно е да почнеме... Нема да е лошо доколку има и простории за клуб, за децата, наше катче“, смета Петруна, додека Аце е категоричен: „нормална, ни треба нормална црква. Господава куќа. Друга работа е дали може финансиски да се започне и заврши. Но, ако се има пари може се’ да се направи“.
Симо смета дека македонската заедница има моќ да изгради црква. „Но, да се меша црковниот простор со други работи како што некои сакаат не мора, ама може.Треба да се види какви се’ потреби има тукашниот народ. А, за опстанок на црквата и верата не треба да се грижиме. Македонското мора да опстане, зашто има доволно наши луѓе. Треба само повеќе да се споиме, да се здружиме. Во црквата да не се се’ исти, па исти луѓе: на Боќик 30-мина, за Водици 20- мина“, дополнува за ДВ, Симо.

Orthodoxe Ostern in Berlin
Свештеникот Огнен Атанасовски моментно е задолжен за црковните служби.Фотографија: DW

Финансиите подобрени

Точно е меѓутоа дека за целата идеја околу црквата главниот збор го диктираат парите, за што Душко Лазаревски објаснува: „Никој кога гради црква не започнува со сите потребни пари в џеб. Секој почнува од темел, па народот кога ќе види дека нешто се работи ќе пројави и интерес повеќе да приодонесе. Приходите во црковната општина во Берлин лани се подобрени и што е најважно сега се’ е транспарентно. На благајната каде се продаваат свеќите е пресметката, па секој може да види колку пари се собрани, колку се потрошени, што е останато.“
И навистина во финансиксиот извештај од минатата година на пет страници стои дека биле добиени 56.814 евра, потрошени 20.617 и останале 36.199 евра. Состојбата е подобра од претходните години зашто сега не се даваат пари за изнајмување на туѓа црква за што порано годишно се одлевале меѓу 7.000 до 9.000 евра кои сега остануваат во буџетот на црковната општина. 250 од околу 400 макеодонски семејства кои на некој начин се врзани со црковната општина плаќаат по сопствена желба месечен парохијал. Сега привремено има и постојан свештеник за да се види дали интересот на верниците ќе биде зголемен. Но, вака или онака редовните приходи не се доволни во еден здив да се изгради саканиот објект, па затоа се смета и на солидарноста и поддршката од повеќето црковни општини ширум Европа.