1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вевчанскиот карневал на браникот на политичката сатира

Милчо Јованоски13 јануари 2014

Карневалот стар над 14 века годинава се одржува под мотото: „Биди и ти вистински василичар“. Преку маските учесниците ја покажаа смислата за хумор и сатира.

https://p.dw.com/p/1Apqf
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Во Вевчани се доаѓа да се доживее остроумноста и досетливоста на вевчанци. Тие преку поединечните и групни маски со пораки и претстави преполни со хумор и сатира кај гледачите предизвикуваат насмевки, воодушевување и симпатии, а кај оние засегнатите можеби лутина и бес. Но, велат ретко кој досега на тоа јавно им се налутил.

Вевчанци никому не останале должни, ни на домашните, но ни на странските политичари и на сите кои значат нешто во светот. Иако македонската влада е еден од финансиерите на карневалот најмногу од маските годинава отидоа на нејзина сметка. Почнувајќи од најсвежиот проект за бесплатно скијање на пензионерите, преку тендерите и јавните набавки па сѐ до наградната игра „Со фискална во рака-награди без мака“.

Karneval in Vevcani
Карневал во ВевчаниФотографија: DW/M. Jovanoski

Василичарите ги соочија политичарите со две лица од власта и опозицијата. На лицето премиерот и претседател на ВМРО- ДПМНЕ Груевски со тимот и претседателот на ДУИ Ахмети (на насловната фотографија), а на тилот претседателот на опозицоната СДСМ Заев, неговата сопартијка Шеќеринска и другите од опозицијата.

Разумниот компромис на претседателот Иванов и средбата со Обама се најдоа во дефилето.

Колоритна и интересена беше и маската „Субрата Рој доаѓа во Љубаништа“.

Mazedonien Karneval in Vevcani
Маска: Субрата Рој доаѓа во ЉубаништаФотографија: DW/M. Jovanoski

„Го чекаме овој ден цела година. Живееме за карневалот,“ се вели меѓу василичарите. Новинарите ќе ја изберат и најдобрата групна маска, а наградата е буре вино „Вевчанска керв.“

Jавно не негодувал ни еден политичар!

„Вевчаници се горделиви. На неправдите во општеството одговарале на свој начин. Никој не е имун на политичките влијанија, ни тие. Мислам дека досега успеале да ја задржат политичката неутралност и да бидат критичари и на власта, и на опозицијата. Маските ги прават обични луѓе, кои не се занимаваат со политика и само од свој агол сакаат да го прикажат животот,“ изјави за ДВ етнологот д-р Рубин Земон.

Новинарот Васил Радиноски 13 години беше градоначалник на „держава“ Вевчани и во 1993 година и покрај политичкото противење на Грција под уставното име ги внесе карневалот, односно Вевчани и Македонија во Светската асоцијација на карневалски градови. Не памети дека во тоа време и далеку претходно врз карневалот некој се обидел да направи притисок или пак некој од политичарите да реагирал на тоа што василичарите преку маските го ставиле пред јавниот суд и срам. „Единствено по познатиот Вевчански случај за водата од 1987 година, кој е метафора на непокрот, власта се обиде дискретно да ги контролира маските плашејќи се дека вевчанци судирот со републичката и тогашната сојузна власт ќе го жигосаат преку уличниот театар,“ вели тој.

Mazedonien Karneval in Vevcani
Фотографија: DW/M. Jovanoski

Васличарите нека критикуваат, ама да внимаваат!

Пред две години маската за Куранот за Исламската верска заедница во Македонија значеше навреда за муслиманите и предизвика спорадични препукувања со вевчанци. „Во овие осетливи времиња вевчанци треба малку повеќе да внимаваат на меѓуетничката и меѓурелигиозната толеранција,“ препорачува д-р Земон.

Радиноски предупредува: „На карневалот во Вевчани сѐ помалку ја има здравата политичка сатира. Последниве години загрижува тенденцијата на одредени локални политичари кои ги повикуваат вевчанци да прават маски и да се маскираат и од околу ги предупредуваат маските да не им се премногу провокативни.“

Karneval in Vevcani
Карневал во ВевчаниФотографија: DW/M. Jovanoski

Гостите во пресрет на Нова година по стариот календар деновиве можеа да вкусат локални специјалитети. Децата правеа маски, а возрасните се натпреваруваа во цепење дрва, тркалање буриња, влечење јаже. Најголем интерес, предизвика натпреварот во пиење греано вино и ракија.