1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вашингтон ја ограничува воената помош за Египет

СН/ЖА/ртр/афп/мф25 јули 2013

Поради безредијата на улиците во египетските градови по соборувањето од власт на претседателот Мохамед Мурси, САД одлучија засега да не му испорачуваат нови борбени авиони на Египет.

https://p.dw.com/p/19DxT
Фотографија: Ethan Miller/Getty Images

Соединетите Американски Држави (САД) одлучија да ја прекинат испораката на четири авиони ловци од типот Ф-16 за Египет, додека состојбата во таа држава и натаму е нестабилна, објави во средата Пентагон.

„Поради состојбата во Египет сметаме дека не е прикладно време за испорака на Ф-16“, рече портпаролот на американското министерство за одбрана Џорџ Литл. Министерот за одбрана на САД Чак Хејгл за ваквата одлука го информирал Началникот на Генералштабот на египетската армија Абдел Фатах ал-Сиси.

Испораката на четирите ловци бомбардери е во рамки на договорот за 20 ловци Ф-16 склучен во 2010 година во вредност од 2,5 милијарди долари. Четири ловци веќе беа испорачани во јануари.

САД од 3 јули се немаат изјаснето во поглед на военото соборување на претседателот Мохамед Мурси, бидејќи правна оценка за соборувањето би довела до прекин на американската воена помош на Египет, која на годишно ниво изнесува 1,3 милијарди долари.

Одлуката за прекин на испораката на Ф-16 не претставува промена на ставот на Вашингтон, појасни Литл.

„И натаму сме ангажирани во партнерството САД-Египет, кое останува темелен елемент на нашата стратешка врска со Египет и столб на регионалната стабилност“, рече Литл.