1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Вашингтон порачува - време е да се најде решение за проблемот

Борис Георгиевски 21 март 2008

Крајно време е Македонија и Грција да го решат спорот за името, порача вчера американскиот Стејт департмент. Спорот може да се реши, прашањето треба да биде затворено пред самитот на НАТО, се вели од Вашингтон.

https://p.dw.com/p/DSCX
САДФотографија: AP GraphicsBank

Разбираме дека прашањето е тешко и емоционално, но решение мора да се најде, изјави портпаролот на Стејт департментот Шон Меккормак во пресрет на денешната рунда разговори што се одржува во Брисел, со посредство на американскиот државен потсекретар Даниел Фрид.

„Ако не поради ништо друго, тогаш едноставно поради тоа што овој проблем постои веќе доволно време. Време е да се најде решение за проблемот“, одговори Меккормак на новинарско прашање зошто САД токму сега притискаат за решение на проблемот?

„Не постои причина овие две земји, со разумни, избрани, демократски раководства да не можат да пронајдат разумно решение за проблемот. Ние разбираме дека проблемот е емоционален. Разбираме дека е тешко. Но тие можат да најдат решение“, рече Меккормак.

Стејт департментот вчера не ги потврди информациите дека на денешната средба во Брисел, на македонскиот и грчкиот шеф на дипломатијата Милошоски и Бакојани за потпис ќе им биде понуден документ со кој обете страни ќе се обврзат на добрососедски односи и на решавање на спорот за името.

Портпаролот на Стејт департментот, Шон Меккормак потврди дека со состанокот ќе раководи потсекретарот за Европа, Даниел Фрид, но потенцираше дека таквите активности се дел од поддршката на САД за процесот кој се води под покровителство на ОН. „Ние се уште ги поддржуваме напорите на амбасадорот Нимиц. Од време на време со обете страни имаме средби за да ги охрабриме да најдат решение за ова прашање. Така треба да се гледа и на денешните состаноци на Даниел Фрид со министрите“, рече Меккормак.

Меккормак ја отфрли можноста дека во подоцнежните фази од преговорите за името, како посредник би се вклучила и американската државна секретарка Кондолиза Рајс. Тој не сакаше да ја коментира можноста од грчко вето за Македонија на самитот на НАТО во Букурешт, ниту пак одговори дали таквите закани од Атина предизвикуваат загриженост во Вашингтон.

Во средата загриженост околу спорот меѓу Македонија и Грција изрази и Белата Куќа. Како што изјави портпаролката Дена Перино, американскиот претседател Џорџ Буш го смета овој проблем за решлив до почетокот на самитот на НАТО во Букурешт следниот месец.